
Автор: Бојана ДимитријевскаИзвор: Макфакс
БиХ и Хрватска ја спречија злоупотребата на двојно државјанство
Босна и Херцеговина и Хрватска во средата потпишаа спогодба со цел да бидат спречени лицата кои поседуваат двојно државјанство и се осудени во една земја, а сакаат избегнат одење во затвор со бегство во друга.
„Денеска ставивме крај на неказнувањето на лицата кои го злоупотребуваа државјанството на нашите држави за да го избегнат излегувањето пред лицето на правдата“, изјави хрватскиот министер за правда Иван Шимоновиќ на конференција за новинарите.
Еден од таквите случаи е член на хрватскиот парламент Бранимир Главаш. Тој лани побегна во БиХ, зашто беше прогласен за виновен за воените злосторства од 1991 година.
„Според новата спогодба, државата во која на лицето му е донесена пресуда, може да бара осудениот да ја излежува казната затвор во земјата каде што престојува без негова согласност“, рече Шимоновиќ.
Министерот за правда на БиХ, Бариша Чолак изјави дека повеќе од 100 осудени лица пребегале во Хрватска, а 50-ина во Босна, за да ја избегнат казната.
Слична спогодба овој месец треба да биде потпишана и со Србија, каде што имаат пребегано околу 100 осудени од БиХ, рече Чолак./крај/фн/бд
© Copyright 2010 | Макфакс