МАКФАКС

Вашингтонската ПР офанзива не ги смири грижите на Европејците

(Американскиот потпретседател Мајк Пенс во Минхен се обиде да ги смири европските сојузници, 19 февруари 2017/Reuters: Michaela Rehle)

Вашингтонската ПР офанзива не ги смири грижите на Европејците
19.02.2017, 18:38

Еден месец по невообичаеното претседателствување на Доналд Трамп, највисоките функционери од неговата администрација се упатија оваа седмица во Брисел, Бон и Минхен за да ги уверат нервозните Европејци дека сé ќе биде во ред.

 

Европејците прво од министерот за одбрана на САД,Џејмс Матис слушнаа дека НАТО не „застарел“, иако неговиот претседател Доналд Трамп повеќепати го сугерираше спротивното. А пота потпретседателот Мајк Пенс рече дека Русија ќе понесе одговорност за своите акции во Украина, иако Трамп многу пријателски се однесува кон рускиот претседател Владимир Путин, анализира Reuters.

Меѓутоа, ако целта на американските функционери беше давање гаранции дека столбовите на американската надворешна политика остануваат неизместени, тоа сосема не им појде од рака, велат европските дипломати, политичари и аналитичари собрани на годишната безбедносна конференција во германски Минхен.

„Она што го слушнавме не беше уверливо. Нема никакви визии како ќе работиме заедно“, вели поранешниот претседател на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Рупрехт Поленц за говорот на Пенс во Минхен.

Пенс е највисоко рангираниот функционер од администрацијата на Трамп кој допатува во Европа и неговиот говор со нетрпение се очекуваше. Неговиот претходни Џозеф Бајден пред осум години на истото место ги освои насловните страници со ветувањето дека Вашингтон „ќе ги ресетира“ односите со Москва. Но излезе на полошо.

Спротивно од Бајден, Пенс во Минхен пристигна со голем хендикеп – перцепција, поттикната и од атмосферата од неодамнешната оставка на советникот на Белата куќа за безбедност Мајкл Флин за неговите контакти со Русија – дека не е дел од ткн внатрешен круг на Трамп.

„Неговата задача беше доволно тешка, дури и без сомничавоста дека има некакво влијание во Белата куќа“, вели Дерек Чолет, некогашен советник на претходниот американски претседател Барак Обама по прашањата за одбранбените политики.

Пенс се обиде да ги отстрани сомнежите веднаш на почетокот, велејќи дека зборува во името на Трамп. Но тогаш во 20-минутниот говор го спомена претседателот дури 19 пати, што еден од учесниците на собирот, аналитичарот и историчар Роберт Каган, ги поттикна ова обраќање да го нарече „поздрав на роботот до властодржецот“.

„Пенс, Матис и Тилерсон може да дојдат овде и да раскажуваат за влажноста на трансатлантските односи и НАТО, и тоа е добро… Но ние не знаеме што ќе стаса на Twitter следното утро“, изјави шефот на комисијата на Европскиот парламент за надворешна политика, Елмар Брок, алудирајќи на навиката на Трамп наутро да ги објавува политичките изјави на оваа социјална мрежа.

Оставката на Флин дополнително ја продлабочи загатката околу тоа кого Трамп слуша кога е во прашање надворешната политика. Политичкиот аналитичар Улрих Спек се присетува на славната изјава на Хенри Кисинџер во која своевремено се запраша кого треба да се повика, доколку сака „да се разговара со Европа“. „Сега Европа се прашува кого треба да повика ако сака да разговара со Америка“, вели Спек.

Освен што нагласуваше дека НАТО останува цврст, Пенс се обиде да ги убеди Европејците дека САД не се откажуваат од демократските вредности, во време кога Трамп речиси секојдневно ги напаѓа судовите и медиумите.

„Ги споделуваме истите благородни идеи, слободата, демократијата, правдата и владеењето на законите“, рече Пенс. Таа порака е добро примена, но другите и не толку добро.

Пенс предизвика набирање на веѓите кај челниците присутни во Минхен со сугестијата дека договорот меѓу шесте светски сили и Иран, кој има силна поддршка во Европа, му „ослободувала средства на Техеран за промоција на тероризмот“.

Неговите повторувани референци на „радикалниот исламски тероризам“ не се добро примени од оние кои мислат дека администрацијата на Трамп во борбата со тероризмот се насочува кон сите муслимани. Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди на тоа во својот говор кој му претходеше на оној на Пенс.

Францускиот министер Жан-Марк Ејрол изрази незадоволство од фактот дека Пенс не испрати ниедна порака за поддршка на Европската унија, иако на тоа го повика организаторот на минхенската конференција Волфганг Ишингер. „Ме погоди тоа што воопшто не ја спомена ЕУ“, рече Ејрол.

Трамп, пак, повеќепати ја пофали одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската унија и сугерираше дека и другите земји ќе го следат нејзиниот пример. Американската политика со децении активно ја поддржуваше интеграцијата на Европа, во прв ред како ограничување на руското влијание, а сега се чини дека ја охрабрува нејзината дезинтеграција./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *