(ВИДЕО) „Макфакс“ во Сеул: Од работ на војна до надеж за обединување со Северна Кореја

(ВИДЕО) „Макфакс“ во Сеул: Од работ на војна до надеж за обединување со Северна Кореја

„Надеж за помирување, љубов и прошка“ – гласи една од речениците во описот на Статуата на браќата пред влезот во Воениот музеј во јужнокорејската престолнина Сеул.

Статуата со која е прикажана првата средба на бојното поле и прегратката помеѓу двајца браќа, јужнокорејски офицер и севернокорејски војник, на најдобар начин ја опишува трагедијата на корејскиот народ, кој од 1953 година живее поделен во Јужна и Северна Кореја.

Двете земји колку што се блиску една до друга толку се и длабоко поделени во секој сегмент од општествата во кои живеат. На статуата пред Воениот музеј поделбата на двете Кореи е претставена преку пукнатина во куполата на која стојат двајцата браќа – истовремено симболизирајќи ја и надежта на корејскиот народ за повторното обединување.

Соговорниците со кои „Макфакс“ дискутираше во поглед на обединувањето на двете Кореи беа исто така поделени – земајќи ги предвид моменталните односи помеѓу Сеул и Пјонгјанг, како и историскиот аспект на поделбата на Корејскиот Полустров.

По завршувањето на Втората светска војна и зачетокот на Студената војна помеѓу САД и Советскиот сојуз преговорите помеѓу тогашните сојузници и победници од војната не успеаја да доведат до формирање независна и обединета Кореја, дотогаш окупирана од страна на Јапонија.

Во 1948 година на југот на Корејскиот Полуостров, контролиран од страна на САД, беше воспоставена Република Кореја. На северот, пак, под контрола на тогашниот Советски сојуз, беше формирана Демократската Народна Република Кореја.

На 26 јуни 1950 година, поминувајќи ја прочуената 38. паралела, севернокорејската армија ја започна тригодишната братоубиствена војна на полуостровот, во која животите ги загубија повеќе од четири милиони луѓе. Речиси секој Кореец денес овој тригодишен период го доживува како трагедија на корејскиот народ и причина за настанувањето на „единствената поделена земја на светот“, велат нашите соговорници.

Двете страни во моментов технички се во војна, со речиси постојани тензии и меѓусебни провокации, предизвикани најчесто од страна на Пјонгјанг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој поради зачестените тестови на нуклеарни проектили и балистички ракети во последниот период е трн во окото на меѓународната заедница, особено на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, колку е реална заканата од нова војна помеѓу двете Кореи, а со тоа и сеопфатна нуклеарна војна која би ги вклучила и големите светски сили? Според нашите соговорници во Јужна Кореја, шансите за ваков развој на настаните се доста мали, пред сè поради тоа што Северна Кореја провокациите најчесто ги користи како одбранбен механизам и начин да го привлече вниманието на светската јавност.

„Како што поминува времето чувствувам дека состојбата станува сè поопасна. Но, и покрај тоа, сметам дека не постои директна опасност од војна. Дел сум од армијата, постојано имаме вежби и сме подготвени. Сепак, не мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период“, вели за „Макфакс“ еден јужнокорејски војник, кој посака да остане анонимен.

Во поглед на обединувањето на двете Кореи, пак, тој вели дека според него, тоа треба да биде процес кој ќе настане по мирен пат и без никакви жртви на двете страни. Сепак, потенцира дека познава и многумина кои не сакаат да дојде до обединување на Корејскиот Полуостров.

„Особено младите луѓе, на возраст од 20, 30 години, сметаат дека обединувањето не е толку важно бидејќи имаат сопствени проблеми во поглед на егзистенцијата и наоѓањето работа, така што тие и не сакаат да се жртвуваат премногу за Северна Кореја“, објаснува јужнокорејскиот војник за „Макфакс“.

Условите во кои денес поделениот корејски народ живее на двете страни од Корејскиот Полуостров се дијаметрално спротивни. Додека 50-милионска Јужна Кореја, која од почетокот на 60-тите години од минатиот век па до денес успеа од земјоделско да се трансформира во високоразвиено и индустриско општество, 23-милионска Северна Кореја доби статус на една од најизолираните и најзатворени земји во светот, позната единствено по нуклеарната програма и воените провокации кон Западот.

За 28-годишниот студент Даел Јанг токму околностите под кои двете земји се развиваа во изминатите 64 години се и најголема пречка за обединувањето на Корејскиот Полуостров, заедно со однесувањето на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

„Јужна Кореја е развиена и напредна земја во споредба со Северна Кореја, која, пак, е сиромашна и нејзиниот народ страда поради политичките проблеми. Поради овие проблеми, тие сметаат дека обединувањето нема да донесе нови инвестиции и подобрувања во Северна Кореја. Поради тоа таму доминира негативното и агресивно размислување“, објаснува Даел за „Макфакс“.

Постојаните закани за војна, пак, се дел од одбранбениот механизам на Пјонгјанг, додава тој. „Тие само сакаат да наметнат опасна состојба и тоа е еден одбранбен механизам, како на пример преку агресивното однесување. Доколку состојбата се погледне реално, мислам дека таа сепак не е толку опасна“, вели Даел.

Според 34-годишната Џинџу Мишел Парк, нуклеарното вооружување на Северна Кореја не ги плаши луѓето во Јужна Кореја поради тоа што знаат дека сè што сака нивниот северен сосед да направи – е само да привлече внимание.

„Тие сепак се изолирани и се обидуваат преку заплашувањето со нуклеарното вооружување да привлечат некакво внимание. Но, луѓето во Јужна Кореја не се загрижени. На пример, сите странци што ги познавам ме исконтактираа за да ме прашаат дали тука сè е во ред поради нуклеарните тестови, но тука никој воопшто не е загрижен поради тоа“, вели Парк.

Решението за обединувањето на двете Кореи, пак, според неа е преку помирувањето и директните разговори помеѓу двете страни, без мешање на надворешните фактори.

„Она што е исто тажно е тоа што другата страна, бидејќи ние, сепак, сме еден народ, се обидува најсилно што може да го изрази својот гнев на разни негативни начини. Но, никој тука не се грижи поради тоа. Сметам дека треба да најдеме решение за двете земји да се обединат, но тоа да не биде направено со помош од надвор туку само помеѓу овие две страни. Главната причина за поделбата на нашите земји беше токму влијанието на надворешните сили“, објаснува Парк.

И додека светската јавност постојано е во исчекување на секој нов потег од страна на севернокорејскиот „ракетен човек“ Ким Џонг-ун, Јужнокорејците сето тоа го доживуваат сосема спокојно. Сепак, како што велат нашите соговорници, колку што се мали шансите за нова војна помеѓу двете Кореи, за жал, толкави се во моментов и шансите за нивното обединување.

Текст: Бојан Стојковски
Монтажа: Бојан Ефремов