Еднаш заколни се како човек, заколни се во црната земја

Еднаш заколни се како човек, заколни се во црната земја

Не верувам дека сè уште има такви луѓе во земјата македонска кои мислат на нешто друго освен на себе, а уште помалку би прифатил дека постојат и онакви, неразбирливо смешни индивидуи кои се готови дури и да жртвуваат макар мал дел од личниот конфор(мизам) во име на повисоки цели, во име на таму некаква слобода, или заедништво, или еднаквост не само пред Бога туку и пред законите земни и човечки. Нема такви будали велам бидејќи на народецот му се брза да се пробие и снајде во еден малку поинаков свет од оној што го знаеле нашите старци, кога ете, се умирало со Божјото име на усните или се скапувало по 20 години на робија, со нагрдени нозе и раце од прангите, но со мирно срце и со искината, избледена, црно-бела фотографија на народниот водач, стисната под парталавата кошула, таму некаде во пределот на левата преткомора.

Знам, одамна се поминати тие времиња кога луѓето биле доволно глупави да гинат за идеали. Толку е смешно и неверојатно дека некоја будала, во најдобрите години да речеме, кога се прави кариера, се експериментира со разни супстанци и се вежба индустриски швалерај, би можела при здрав разум и чиста свест да закачи на пиедестал една таква грандиозна бесмислица каква што е патриотизмот и за љубов на општата среќа да тргне да ја жртвува онаа личната, сопствената, единствената што може да се поседува. И затоа знам дека мора да изгледа ужасно банална и патетична приказната на која налетав во една книга за Сталинградската битка, во втората година од руската Татковинска војна, кога челичната армада на Третиот рајх незапирливо се пробивала низ руските степи, а пруските маршали славољубиво испраќале извештаи во Хитлеровиот главен штаб, познатата „Волчја јама“, дека Волга и Дон веќе се во нивни раце и оти наскоро ќе паднат нафтените полиња на Кавказот по што понатамошниот руски отпор ќе биде залуден.  Во тој судбоносен час, не само за Русија нели, писателот Иља Еренбург им испратил писмо на советските војници на фронтот во кое ги моли и ги преколнува да не се повлекуваат пред тенковите на Фон Паулус, пред авијацијата на Фон Ритхофен и пред истурените СС дивизии составени од сјајни борци, фанатични нацисти ем геноцидни злосторници тргнати во освојување на големата руска земја за од неа да направат „ораница и хранителка на праведниот германски селанец“. Има во писмото на советскиот комунистички писател секакви финти и итроштини кои денес не би прелажале никого. Се спомнуваат небањати германски коњи, големи реки, измислени швапски градови и сомнителни херојства претходно нашироко афирмирани од агитпропот, но тоа сега и не е толку важно. Битно е дека во еден дел од писмото, објавено во „Правда“ и инстантно лиферувано меѓу борците на првата борбена линија, Еренбург потсетува оти онаа земја на која кутрите токму во тој миг лежат, јадат, пијат, пеат и умираат под бомбите на нацистичките освојувачи, не е само обично парче кал, изгорена трева и валкана вода туку е светост, делче од руската душа кое не може и не смее да се напушти. И, продолжува расипаниот комунистички популист да ламентира, руската земја е мајка којашто се сака затоа што е токму тоа, мајка, хранителка и поилка, земја поважна од човекот, поважна од животот и од сите убавини кои тој на човека во сиот раскош му ги нуди. На крајот итриот писец потсетува дека во старите времиња земјата била поважна и од Бога. Кога некој ќе се заколнел во Господ, не морале да му веруваат, вели Еренбург. Но, ако тој некој клекне на колена, земе парче земја и го стави во устата за да го изеде, тогаш сите знаеле дека човекот не лаже бидејќи, зарем не гледаш, се колне во светата руска земја.

Знам, далеку е Русија и уште подалечни се сеќавањата дека и овде, на ова парче земја, некогаш некој излегол во планина, баталил жена и деца, се простил од родители стари и тргнал да се бори за народни правдини, да плука крв и да гледа како лути потери ги горат селата во долината покрај Вардар. Во оваа блесава балканска земја. Знам дека е демоде и затоа ајде да ги заборавиме минатите херојства како што се заборава роденден на поранешна љубовница или телефон на досадни пријатели кога ќе станеш директор на некој јавен фонд и еве да гледаме само во светлата иднина. Има ли земја за нас во таа проклета светла иднина? Ќе остане ли нешто од тоа свето парче, со право би се запрашал секој, ако продолжи ова садомазохистичко лудило во кое нè заглавија големите народни водачи? Едни се борат за власт и привилегии, други се борат да не одат во затвор. Трети трчаат наоколу, демонстрираат испотени и вреват на цел глас за да го спасат работното место, незаслужената функција или „лежи лебу да те јадам“ местото во државната администрација. Четврти со стрв во очите и со скиселена плуканица на забите, само чекаат да дојдат на местото на претходните за и тие малку да вкусат од убавините на „победничката политичка припадност“. А некои петти, пак, ниту се борат ниту нешто чекаат и од нив можеш да добиеш само среден прст за поздрав додека се чекираат на летот во еден правец кон некоја поблиска или подалечна, побогата и посредена ама секако туѓа земја. Додека оваа нашата, светата, од сите нели толку саканата, полека се топи и ја снемува како онаа локвичка во дупка на улицата, под жешкото августовско сонце во Скопје. Ја снемува како никогаш и да не била. Па наскоро и да сакаш, ќе немаш во што да се заколнеш.

Драган Милосављевиќ