Една година од аболициите на Ѓорге Иванов

Една година од аболициите на Ѓорге Иванов

Точно една година откако шефот на државата Ѓорѓе Иванов донесе одлука да ги ослободи од кривично гонење функционери, политичари, бизнисмени, јавни обвинители… На денешен ден пред една година претседателот на државата на прес-конференција пред новинарите изјави дека донел одлука за прекин на сите истраги и процеси против политичари. Претседателот Иванов сооошти дека одлуката ја донел сам.

„Со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако нешто не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни. Таквата одлука ја донесов и ја потпишав денес. И стојам зад неа. Во одлуката пишува дека стапува во сила веднаш“ – рече на 12 април 2016 година Иванов.

Објавени имињата на помилуваните

Следниот ден на 13 април во Службен весник беа објавени имињата на сите политичари и функционери кои се помилувани. Иванов донел вкупно 41 одлука, со 107 помилувања, а вкупниот број на помилувани беше 57 лица.

Рекордер во помилувања е екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој беше помилуван 16 пати, односно за 16 случаи во кои се јавува како осомничен за различни кривични дела. По него е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која беше помилувана 11 пати. Екс директорот на УБК Сашо Мијалков беше помилуван за шест дела. Поранешниот премиер и актуелен лидер на владеачката ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски беше помилуван пет пати. Помилуван е и директорот на Т – Мобајл Жарко Луковски, како и Владислав Стајковиќ и Христијан Панев кои се сопственици или управители на медиуми, а биле предмет на истрага на Специјалното јавно обвинителство. Во купот помилувани влегоа и обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски. На списокот е и израелскиот државјанин Хаим Хакијани, кој беше дел од бомбите на СДСМ во разговор во кој се договараше провизија при купување на опрема за прислушување. На листата помилувани го немаше Љубе Бошкоски. Помилувани се осомничените за начинот на неговото апсење, за што СЈО отвори и предмет под името Тортура, но не е помилувана жртвата во овој случај. Меѓу имињата на сведоците кои Иванов ги откри со помилувањата беше и Коста Крпач, кој набргу потоа беше пронајден застрелaн во неговиот стан.

Поништени дел од аболициите

Претседателот Ѓорге Иванов на 27 мај ги повлече аболициите за сите 22 политички експонирани лица што ги помилува на 12 април. За останатите од списокот на 56 помилувани оставена е можноста индивидуално да си поднесат барање до него да им биде повлечена аболицијата. „Никој не е недопирлив, секој ќе одговара за тоа што го направил“, рече Иванов.

Комплетно поништени аболиции

Десет дена потоа, односно на шести јуни 2016 Иванов донесе нова одлука, со која комплетно ја поништува одлуката за аболиција.

„Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно – политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април. На крајот, уште еднаш ќе потсетам дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците“ – рече тогаш Иванов.

Одлука

Уставниот суд на петти октомври 2016 донесе одлука поднесената Иницијатива за уставноста на помилувањата кои ги донесе претседателот Ѓорѓе Иванов да биде отфрлена и да не се разгледува. Како причина за отфрлањето се наведува тоа што помилувањата се веќе повлечени и спорните одредби веќе не се дел од правниот поредок.

Шарена револуција

Стотици граѓани по објавувањето на одлуката за аболиција, излегоа на масовни протести во центарот на Скопје, пред народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов, пред Собранието, Владата и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Протестите се прошируваа и низ другите градови од ден во ден.

Практично, тоа е почетокот на неформалната Шарена револуција, која ги бојадисуваше институциите и спомениците во знак на протест од одлуката за помилување на шефот на државата.

Демонстрантите бараа целосно поништување на одлуката на Ѓорге Иванов за аболицијата на 56 лица што е целосно исполнето барање, неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата претседател, потоа Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство барање кое не е неисполнето, оставка на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање преодна влада – барање кое делумно е исполнето, Формирање специјално одделение во Кривичниот суд за предметите на СЈО, барање кое не е неисполнето, вклучување на граѓанските организации во преговорите – неисполнето барање и ослободување на притворените демонстранти кои учестуваа на протестите на Шарената револуција – делумно исполнето.

Васко Маглешов