Реакции во Албанија: Платформата е документ на Албанците од Македонија, а не на Рама

Реакции во Албанија: Платформата е документ на Албанците од Македонија, а не на Рама

 

Втор ден по одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов околу доделувањето на мандатот за состав на влада, не стивнуваат реакциите во регионот, а особено кај соседите на Македонија. Одлуката мандатот да не му биде доделен на претседателот на СДСМ, Зоран Заев поради прифаќањето на ткн „Албанска платформа“, албанските новинари ја оценуваат како погрешна, пред се поради тоа што овој документ бил инициран во Скопје, а не Тирана.

 

„ Албанската платформа е платформа на албанските партии во Македонија, а единствената улога на премиерот Еди Рама беше таа на медијатор кој ќе ги натера партииите да преговараат меѓусебно, и тој тоа го направи преку иницирањето на средбата во Тирана. Мора да се потсетиме дека оваа платформа беше најпрво предложена во Скопје. Во овој случај, обвинувањата упатени кон Рама или Албанија се типично балканско однесување и играње на националистичката карта кога одредени функционерски позиции се загрозени“, коментира за Макфакс уредникот на албанскиот портал Albeu, Емирјон Сења.

 

Иванов во обраќањето до јавноста во вторникот порача дека „туѓите постизборни реформи не можат да бидат основа за формирање влада“. „По изборите бевме непријатно изненадени од една платформа изработена во туѓа држава. Со неа Македонија е уценета, а нејзината сувереност и унитарност е загрозена. Поради оваа платформа заглавуваме во уште поголема криза. Очекував дека одредени политички партии ќе одбијат да зборуваат за таква постизборна туѓа платформа, но, за жал, се заговараше за разнебитување на Македонија“, рече тогаш Иванов.

 

Новинарот во албанската телевизија АВС, Реди Прифти, смета дека ваквата одлука на Иванов „не е доволно обмислена и само ја продлабочува политичката криза во земјата“.

 

„Албанците се државотворен народ во Македонија и сочинуваат повеќе од 25 проценти од населението во земјата, што значи дека тие се повеќе од обично малцинство во земјата. Пред да биде донесена таква одлука која ја продлабочи политичката криза, Иванов требаше да се консултира со албанските партии во земјата, бидејќи не станува збор само за формирање на Влада. Сепак, исто така сметам дека во моментов Албанците треба да избегнуваат предизвикување на тензии во земјата и тоа е нешто што во моментов е најважно“, вели Прифти за Макфакс.

 

Реакцијата на албанскиот премиер Еди Рама, пак, беше дека „албанскиот јазик не е јазик на непријателите, туку на државотворен народ во земјата“, порачувајќи му на Иванов дека „без Албанците нема Македонија“. Според албанските новинари, сите услови кои биле поставени во оваа платформа се нормални и истите не смее да се криминализираат.

 

„Условите кои се поставени во албанската платформа се нормални, бидејќи Албанците се државотворни граѓани на Македонија и криминализирањето на овие потреби во регионот е доста храбар чекор од страна на балканските политичари. Македонија ќе биде просперитетна земја само кога сите  етнички заедници кои живеат во неа се задоволни“, додава Сења.

 

Платформата на албанските партии во Македонија беше донесена кон почетокот на јануари, на средбата помеѓу челниците на ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците, со албанскиот премиер Еди Рама, а главните барања во неа се однесуваат на постигнување целосна јазична еднаквост односно употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право.

 

Она што покрај барањето за двојазичност стана спорно за јавноста во Македонија, како што е наведено во документот, е и предвидената „сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ги рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“./крај/мф/бс