МАКФАКС

Турција помеѓу демократијата и диктатурата: Битката за моќ допрва започнува

Турција помеѓу демократијата и диктатурата: Битката за моќ допрва започнува
19.04.2017, 12:53

 

Пишува Бојан Стојковски

Султан, диктатор, тиранин беа само дел од епитети кои ги доби турскиот  претседател Реџеп Тајип Ердоган по прогласувањето на резултатите од референдумот на кој мнозинството Турци, односно 51,41 отсто или нешто повеќе од 25 милиони луѓе гласаа за уставни промени и зголемување на претседателските овластувања.

 

Европа како и повеќето светски политички центри изразија загриженост поради последните случувања и развојот на настаните во земјата, која во последната година се најде во центарот на вниманието на светска јавност поради бројни причини, иако пред се лоши, преку мигрантската криза, преку терористичките напади и борбата против терористичката организација Исламска држава, па се до неуспешниот обид за пуч и сето она што потоа следеше.

 

Веќе од понеделникот, ден по објавувањето на резултатите од референдумот, многумина ја прогласија Турција за диктатура, а Турците за народ кој ќе биде оставен на милост и немилост на Еродган. Макфакс на оваа тема разговараше со турски новинари и граѓански активисти, и за тоа како тие гледаат на резултатите од референдумот.

 

Уставните промени пред се ќе донесат промена на системот од парламентарен во претседателски, објаснува за Макфакс новинарката на Хуриет Дејли Њуз, Ипек Јездани. „Владиниот систем сега ќе премине од парламентарен во ексклузивно претседателски систем, со што Ердоган ќе има ексклузивни моќи кои ќе му овозможат да назначува министри и владини претставници, потоа да именува половина од вкупниот број на членови во највисокото судско тело на Турција, да издава декрети и да може да прогласи вонредна состојба. Промените ќе стартуваат во следните шест месеци, а се очекува претседателскиот систем целосно да почне да се имплементира во 2019-та, за кога се закажани и претседателски избори“, вели Јездани.

 

Главната опозициска партија во Турција, Народната републиканска партија веќе ги оспори резултатите од референдумот, а низ земјата веќе започнаа и протести против Ердоган. Сепак, не е се загубено, коментираат турските новинари, а како причини кои највеќе влеваат надеж за ова се поразите на Ердоган во Истанбул и Анкара.

 

„Прерано е да се коментира, со оглед на тоа што главната опозициска партија тукушто побара од изборната комисија поништување на референдумот и ова е нешто многу важно. Сметаме дека во следните неколку дена ќе се фокусираме на дебата околу легитимитетот на одржаниот референдум. Исто така, резултатите од економските и културните центри низ Турција се јасен пораз за Ердоган. Секуларците сега дури најавуваат и улични протести. Неговиот сон за добивање на поголеми моќи сега е оспорен, и иако среднорочно тој можеби ќе направи некакви промени, ризикува да ги загуби претседателските избори во 2019-та година. Можеби пред 24 часа тој беше семоќен, но сега за првпат во 23 години тој ги загуби Истанбул и Анкара, па дури загуби и во неговата населба Ускудар“, коментира за Макфакс турски новинар од Истанбул.

Во целата пострефендумска состојба, за опозицијата спорни се околу два ипол милиони гласачки ливчиња кои немаат печат, а кои според турската Државна изборна комисија се валидни.

 

„Иако резултатите од референдумот покажаа дека победија гласовите за уставни промени, има околу два ипол милиони гласачки ливчиња на кои нема печат од државната изборна комисија, а според комисијата, овие ливчиња сепак се валидни. Ова е нелегално, но и покрај ваквите незаконитости, три големи градови, Истанбул, Анкара и Измир сите рекоа „не“ за уставните промени. И покрај конечниот исход, ова е нешто ново и ветувачко за сите оние кои гласаа против уставните промени“, вели за Макфакс граѓанскиот активист Ела Ченудиоглу.

 

„Новите избори ќе бидат одржани во 2019-та, во време кога премиерската функција ќе биде укината. Дотогаш, претседателот ќе може да именува судии и да избира членови во националниот совет за безбедност. Во меѓувреме, почнувајќи од сега, јас и сите оние што гласаа против уставните промени, со загриженост ќе гледаме како новиот систем ќе влијае врз демократијата и иднината на земјата“, заклучува Ченудиоглу.

 

Стравувањата на светската јавност, пак, сега се насочени кон следните чекори на Ердоган, меѓу кои и воведувањето на смртната казна, референдумот за членство во ЕУ, а тука е и договорот помеѓу ЕУ и Турција околу мигрантската криза./крај/мф/бс

 

 

 

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *