Контакт

Анализи

Еднаш заколни се како човек, заколни се во црната земја

Објавено пред

Не верувам дека сè уште има такви луѓе во земјата македонска кои мислат на нешто друго освен на себе, а уште помалку би прифатил дека постојат и онакви, неразбирливо смешни индивидуи кои се готови дури и да жртвуваат макар мал дел од личниот конфор(мизам) во име на повисоки цели, во име на таму некаква слобода, или заедништво, или еднаквост не само пред Бога туку и пред законите земни и човечки. Нема такви будали велам бидејќи на народецот му се брза да се пробие и снајде во еден малку поинаков свет од оној што го знаеле нашите старци, кога ете, се умирало со Божјото име на усните или се скапувало по 20 години на робија, со нагрдени нозе и раце од прангите, но со мирно срце и со искината, избледена, црно-бела фотографија на народниот водач, стисната под парталавата кошула, таму некаде во пределот на левата преткомора.

dobivaj vesti na viber

Знам, одамна се поминати тие времиња кога луѓето биле доволно глупави да гинат за идеали. Толку е смешно и неверојатно дека некоја будала, во најдобрите години да речеме, кога се прави кариера, се експериментира со разни супстанци и се вежба индустриски швалерај, би можела при здрав разум и чиста свест да закачи на пиедестал една таква грандиозна бесмислица каква што е патриотизмот и за љубов на општата среќа да тргне да ја жртвува онаа личната, сопствената, единствената што може да се поседува. И затоа знам дека мора да изгледа ужасно банална и патетична приказната на која налетав во една книга за Сталинградската битка, во втората година од руската Татковинска војна, кога челичната армада на Третиот рајх незапирливо се пробивала низ руските степи, а пруските маршали славољубиво испраќале извештаи во Хитлеровиот главен штаб, познатата „Волчја јама“, дека Волга и Дон веќе се во нивни раце и оти наскоро ќе паднат нафтените полиња на Кавказот по што понатамошниот руски отпор ќе биде залуден.  Во тој судбоносен час, не само за Русија нели, писателот Иља Еренбург им испратил писмо на советските војници на фронтот во кое ги моли и ги преколнува да не се повлекуваат пред тенковите на Фон Паулус, пред авијацијата на Фон Ритхофен и пред истурените СС дивизии составени од сјајни борци, фанатични нацисти ем геноцидни злосторници тргнати во освојување на големата руска земја за од неа да направат „ораница и хранителка на праведниот германски селанец“. Има во писмото на советскиот комунистички писател секакви финти и итроштини кои денес не би прелажале никого. Се спомнуваат небањати германски коњи, големи реки, измислени швапски градови и сомнителни херојства претходно нашироко афирмирани од агитпропот, но тоа сега и не е толку важно. Битно е дека во еден дел од писмото, објавено во „Правда“ и инстантно лиферувано меѓу борците на првата борбена линија, Еренбург потсетува оти онаа земја на која кутрите токму во тој миг лежат, јадат, пијат, пеат и умираат под бомбите на нацистичките освојувачи, не е само обично парче кал, изгорена трева и валкана вода туку е светост, делче од руската душа кое не може и не смее да се напушти. И, продолжува расипаниот комунистички популист да ламентира, руската земја е мајка којашто се сака затоа што е токму тоа, мајка, хранителка и поилка, земја поважна од човекот, поважна од животот и од сите убавини кои тој на човека во сиот раскош му ги нуди. На крајот итриот писец потсетува дека во старите времиња земјата била поважна и од Бога. Кога некој ќе се заколнел во Господ, не морале да му веруваат, вели Еренбург. Но, ако тој некој клекне на колена, земе парче земја и го стави во устата за да го изеде, тогаш сите знаеле дека човекот не лаже бидејќи, зарем не гледаш, се колне во светата руска земја.

Знам, далеку е Русија и уште подалечни се сеќавањата дека и овде, на ова парче земја, некогаш некој излегол во планина, баталил жена и деца, се простил од родители стари и тргнал да се бори за народни правдини, да плука крв и да гледа како лути потери ги горат селата во долината покрај Вардар. Во оваа блесава балканска земја. Знам дека е демоде и затоа ајде да ги заборавиме минатите херојства како што се заборава роденден на поранешна љубовница или телефон на досадни пријатели кога ќе станеш директор на некој јавен фонд и еве да гледаме само во светлата иднина. Има ли земја за нас во таа проклета светла иднина? Ќе остане ли нешто од тоа свето парче, со право би се запрашал секој, ако продолжи ова садомазохистичко лудило во кое нè заглавија големите народни водачи? Едни се борат за власт и привилегии, други се борат да не одат во затвор. Трети трчаат наоколу, демонстрираат испотени и вреват на цел глас за да го спасат работното место, незаслужената функција или „лежи лебу да те јадам“ местото во државната администрација. Четврти со стрв во очите и со скиселена плуканица на забите, само чекаат да дојдат на местото на претходните за и тие малку да вкусат од убавините на „победничката политичка припадност“. А некои петти, пак, ниту се борат ниту нешто чекаат и од нив можеш да добиеш само среден прст за поздрав додека се чекираат на летот во еден правец кон некоја поблиска или подалечна, побогата и посредена ама секако туѓа земја. Додека оваа нашата, светата, од сите нели толку саканата, полека се топи и ја снемува како онаа локвичка во дупка на улицата, под жешкото августовско сонце во Скопје. Ја снемува како никогаш и да не била. Па наскоро и да сакаш, ќе немаш во што да се заколнеш.

Драган Милосављевиќ

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија9 часа

Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, праша Арсовска

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, праша врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, како и...

Македонија12 часа

Намален е бројот на ученици во училиштата во државата

Намален е бројот на ученици во основните и средните училишта, во учебната 2022/2023 година, укажуваат податоците во извештајот на Државниот...

Македонија13 часа

Со нова систематизација Синдикатот на „Македонска пошта“ сам ќе ги укине вработените што не доаѓаат на работа оти Владата и Управниот одбор молчат

Синдикатот на „Македонска пошта“, во соработка со вработените и со ангажирање експерти, ќе подготви нова систематизација, која ќе ја достави...

Македонија13 часа

„Немам партиска книшка, само крводарителска“ – приватните специјализанти реагираат на изјавата на Демири за политичка заднина на штрајкот

Штрајкот на приватните специјализанти продолжи и денес и како што најавуваат ќе трае додека не добијат на писмено од Владата...

Свет13 часа

Израел: Мораме да го запреме Иран пред да биде предоцна, воведете му санкции

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, денеска ги повика земјите да воведат санкции за ракетната програма на Иран...

Свет13 часа

Иран: Следниот напад ќе биде во рок од неколку секунди

Се’ повеќе високи ирански претставници ги предупредуваат и Израел и Западот за последиците од можната израелска одмазда. Така, иранскиот воен...

Македонија14 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Во ЕУ не се оди со политичари како Пендаровски

Во ЕУ не се оди со политичари како Пендаровски. Во ЕУ се почитуваат основните човекови права и се унапредуваат, а...

Македонија14 часа

Стојаноска во Тетово: угостителите сезонски се селат во други држави, не се задоволни од актуелната власт

Вчерашниот ден Дафина Стојаноска – членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ го искористи и за средба со Здружението на угостители од...

Регион15 часа

Го искористи правото да не сведочи: заврши сослушувањето на мајката на осомничениот за убиството на Данка Илиќ

Светлана Драгијевиќ, мајката на Дејан Драгијевиќ, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ го искористи законското право да...

Свет15 часа

Полицијата нападот во црквата во Сиднеј го карактеризира како терористички чин, напаѓачот уапсен

Австралиската полиција го прогласи прободувањето со нож во црква во Сиднеј за верски мотивиран „терористички чин“. Момче (15) е уапсено...

Свет16 часа

Иран зад себе има незамислива сила, која е закана за целиот свет: група од најбруталните терористи подготвени да интервенираат

Иранскиот напад врз Израел го отвори патот за нова ескалација на Блискиот Исток. Директен конфликт меѓу овие две земји ќе...

Регион16 часа

Земјотрес ја погоди Грција

Земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди Грција. Епицентарот на земјотресот бил на Крит на...

Македонија1 ден

Силјановска -Давкова: Ќе се залагам АРМ секогаш да ги исполнува НАТО стандардите и да вклучва повеќе жени

„Претседателот е врховен командант на вооружените сили. А вооружените сили се бранителот на територијалната независност и интегритет на Македонија. Во...

Македонија1 ден

(Видео) „Ако го интересира Мицкоски кој од неговите најблиски соработници биле кај мене, ќе му кажам“, рече Пендаровски

Вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше меѓу жителите на Гази Баба и одговараше на нивните прашања. Граѓаните побараа одговор дали...

Македонија1 ден

Протестите на специјализантите имаат политичка заднина, колкав притисок и да прават, решение е можно по изборите, вели Демири

Министерот за здравство ги поддржува барањата за поголеми плати и платени придонеси на приватните специјализанти, но нема мерки што би...

Македонија1 ден

Демири: Ќе предложам невакцинирани да не може да се вработат во јавното здравство

Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, ќе побара законски измени со кои ќе биде забрането во јавното здравство...

Македонија1 ден

Деветвалентната ХПВ-вакцина, која спречува 80 отсто од аналниот карцином и 70 отсто од карциномот на грлото на матката, достапна кај нас од следниот месец

За еден месец сите вакцинални пунктови ќе ја добијат деветвалентната ХПВ-вакцина, која од оваа година, покрај девојчињата на возраст од...

Македонија1 ден

Припадници на затворската полиција се сомничат дека му овозможиле на осуденикот да побегне од Идризово – може да добијат и до 10 години затвор

Седумнаесет полицајци се приведени по повеќемесечна предистражна постапка за бегството на затвореникот од Идризово, кое се случи во октомври минатата година....

Македонија1 ден

Османи со порака до Израел: Воздржете се од возвраќање, спиралата на конфликти може да се влоши

Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача до Израел да не возраќа на нападот на Иран бидејќи состојбата може да...

Uncategorized1 ден

Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра

Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци...