Контакт

Анализи

Арктикот ново боево поле?

Објавено пред

Како што се топи поларниот мраз на Арктикот и се отвораат нови области за експлоатација на нафта, војните за ресурсите стануваат се поголема реалност, откриваат дипломатските пораки кои ги објави интернет „обелоденувачот“ Wikileaks.

dobivaj vesti na viber

Крајната граница за експлоатација на нафта и гас, како што се нарекува Арктикот во тајните американски дипломатски пораки кои ги објавува Wikileaks, ќе биде поприште на битките помеѓу моќните нации за „распределба“ на огромните ресурси во Арктикот.

„Дваесетипрвиот век ќе биде век на силни борби за ресурси. Русија не смее да биде поразена во оваа борба“, се цитира во една од пораките изјава на рускиот амбасадор во НАТО, Дмитри Рогозин, дадена во 2010 година.

Покрај тоа што на површина ќе извади, според проценките, 22 процента од светските резерви на нафта, топењето на мразот на Арктикот, предизвикано од глобалното затоплување, ќе отвори и нови поморски патишта, артерии на глобалната трговија, за чија контрола нациите се натпреваруваат веќе подолго време. А Русија секако не е единствената држава која фрлила око на замрзнатата премија.

Во една дипломатска порака од 2009 година, Пер Стиг Молер, тогашен дански министер за надворешни работи, најавува дека „новите транспортни рути и откритијата на природните ресурси набргу регионот ќе го стават во фокусот на светската политика“.

Канада, САД, Русија, Норвешка, Данска, па можеби дури и Кина, имаат свои, најчесто спротивставени побарувања на Арктикот, регион со големина приближно колку Африка, што е околу шест проценти од вкупната земјина површина.

Војни за ресурси

„Пораките објавени на Wikileaks ни ја покажуваат реалполитиката во нејзината најретка форма“, вели Пол Вапнер, директор Програмата за глобални еколошки политики при Американскиот универзитет во Вашингтон. „Дипломатите и натаму на ова гледаат како на свет во кој профитот на едниот е еднаков на загубата на другиот. Кога тие ќе видат ресурси кои можат да се експлоатираат и каде што, засега, постои еднаква поделба, тие сигурно ќе го одберат пристапот низ системот на спротивставени национални интереси“.

Пораките беа обелоденети во момент кога светските академици и активисти почнаа се погласно да ги изразуваат своите стравувања дека се поретките извори на нафта и на вода за пиење можат да доведат до нови меѓународни конфликти.

Во таа смисла, сер Дејвид Кинг, поранешен главен научен советник на владата на Велика Британија, инвазијата врз Ирак ја нарече „првата од многуте војни за ресурси во овој век“, предупредувајќи дека „моќните нации ќе обезбедат ресурси за своите народи, на сметка на другите народи“.

Во 2007 година, Русија го истакна своето знаме на длабочина од 4.000 метри под Арктичкиот океан, во обид да го протне своето тврдење дека континенталниот појас, геолошка формација според која се утврдуваат барањата на државите во согласност со Законот за морињата, се протега длабоко во замрзнатата зона.

„Зад руската политика стојат две потенцијални бенефиции кои произлегуваат од глобалното затоплување: можноста за отварање на (макар и сезонски) транспортни рути без мраз од Европа до Азија и проценетото богатство од нафта и гас под дното на Арктикот“, се вели во една од пораките, која прецизно ги артикулира тврдењата на САД.

Во моментов, Русите се далеку пред САД и другите арктички држави во искористувањето на тоа што во иднина ќе се случува во новоотворените водени површини“, вели Брус Форбс, професор-истражувач при Арктичкиот центар на Универзитетот во Лапланд во Финска. „Дипломатските пораки го потврдуваат она што ние научниците одамна го знаевме: глобалното затоплување ќе покаже дека Арктикот не е само обична пустелија, како што го претставуваат меинстрим медиумите“.

Во својот четиригодишен извештај за ревизијата на одбраната, Пентагон пишува: „Климатските промени и енергијата се две теми кои ќе играат битна улога во вообликувањето на идните безбедносни системи“.

Глобално затоплување

Ако луѓето не ја намалат драстично својата употреба на фосилни горива и тековните трендови продолжат, светот ќе се соочи со значителен раст на температурата, при што ќе се истопат поларните капи и ќе се зголеми нивото на морињата помеѓу 0,6 и 1,6 метри до крајот на овој век, се вели во студијата на Програмата за мониторинг и проценка на Арктикот, објавена во мај годинава.

Идејата дека глобалното затоплување ќе ги истопи поларните капи од мраз и ќе овозможи експлоатација на нафта на далечниот север претставува страшна иронија, вели Андреа Харден-Донахју, истражувач при Советот на Канаѓани, организација која се бори за општествена правдина.

„Климатските промени ги прават овие ресурси полесни за експлоатација, додека горењето на овие ресурси ќе придонесе за уште поголеми климатски промени“, вели таа. „Во Канада веќе гледаме голем број познати актери од оваа област, како BP и Chevron, кои трагаат по нафта и гас во Бофортското море. Во САД, пак, Shell постојано се обидува да добие пристап до ресурсите во близина на брегот на Аљаска. BP се надева дека добие дозвола за експлоатација во близина на рускиот брег, а Cairn Energy веќе доби лиценца за дупчење во Гренланд и се очекува да започне со тоа веќе идната година. Ако на овие компании им се дозволи да продолжат во тој правец, мислам дека воопшто не е неразумно да се помисли дека наскоро ќе гледаме тепачка за овие ресурси“, заклучува Харден-Донахју.

Една порака од 2008 година го цитира адмиралот на руската морнарица Владимир Висотски, кој вели: „Иако на Арктикот владее мир и стабилност, никој не може да ја исклучи можноста дека во иднина таму ќе дојде до прераспредлба на моќта, па дури и до вооружени интервенции“.

Партиски политики

Но, обилната реторика за можен конфликт би можела да е поврзана со желбата на одреден круг на политичари за поголема поддршка на воено-индустрискиот комплекс и за засилување на сопствените позиции и нема многу врска со реална опасност од конфликт, посочуваат дипломатските пораки.

Шефот на норвешката дипломатија Јонас Гар Стоере е цитиран во една порака од 2009 година како опишува како, при неговата посета на Москва во март 2009 година, му се заблагодарил на (рускиот министер за надворешни работи Сергеј) Лавров што толку многу му ја олеснил работата при оправдувањето пред норвешката јавност на потребата од набавка на воени авиони-ловци F-35 Joint Strike Fighter, со оглед на редовните прелети на руските воени авиони долж норвешкиот брег“.

Програмата за развој на F-35 Joint Strike Fighter се очекува да ги чини САД и нивните сојузници над 380 милијарди долари, со што најверојатно ќе стане најскапиот воен проект во историјата – а политичарите, се чини, имаат потреба од начин на кој ќе го оправдаат ова масовно арчење на ресурсите пред своите скептични електорати.

Канадските политичари, вклучувајќи го и неодамна избраниот конзервативен премиер Стивен Харпер, исто така ги капитализираат стравувањата од конфликт на далечниот север како потпора на своите теснопартиски агенди. Харпер веќе оствари неколку посети на далечниот север, фалејќи се дека „од Авганистан до Арктикот, од брегот на Сомалија до брегот на Нутка Саунд (острово во државата Ванкувер), ние ќе бидеме способни да видиме што намераваат лошите момци“.

Коментирајќи ги изјавите на Харпер во една порака од 2010 година, дипломатите од САД коментираат дека: „постојниот висок профил кој оваа влада и го дава на „северните прашања“ и на Арктикот е без преседан и ги рефлектира гледиштата на премиерот дека ‘северот никогаш не бил побитен за нашата земја’ – иако тоа би можело да се парафразира во ‘северот никогаш не бил побитен за нашата партија’. “

И додека политичарите се удираат в гради со нивните побарувања за ресурсите, професорот Форбс вели дека ризикот од фактички конфликт е минимален, затоа што постојат меѓународни институции и договори кои ги регулираат спротивставените побарувања.

Арктичкиот совет, составен од осум арктички држави, е главниот форум за дискусии за прашања поврзани со северот, а Конвенцијата за законот за морињата на ОН од 1982 година, која САД ја немаат потпишано, е предвидена да ги регулира побарувањата за ресурсите во тој регион.

Во текот на состанокот на Арктичкиот совет на 12 мај во Гренланд, американската државна секретарка Хилари Клинтон рече дека САД „веќе одамна доцни“ со ратификацијата Конвенцијата за законот за морињата. Желбата на Клинтон да се потпише конвенцијата има многу повеќе врска со евентуалните битки за ресурсите, отколку со почитувањето на меѓународните институции.

„Ако останете надвор (од конвенцијата), тогаш ние останатите ќе имаме повеќе за делба во Арктикот“, се цитира во една од пораките изјава на тогашниот шеф на данската дипломатија, Молер.

Ставот на САД да не ја ратификуваат конвенцијата значи дека тие не можат да достават формално побарување за дното на океанот кое се наоѓа директно северно од брегот на Аљаска, вели Оран Јанг, професор по еколошки науки при Универзитетот на Калифорнија.

„Да знаев зошто САД не потпишуваат, ќе бев многу среќен“, вели Јанг, шпекулирајќи дека лобистите на рударската индустрија и некои сенатори „со изразен негативизам кон ОН во целост“ стојат зад таквата одлука.

Сценарио на „судниот ден“

Во еден свој говор од 1987 година, Михаил Горбачов, последниот лидер на поранешниот СССР, го опиша „заканувачкиот карактер“ на НАТО на далечниот север. Денес, улогата на НАТО во Арктикот е целосно нејасна.

„Не постои причина НАТО да се бори да се стекне со силен профил на Арктикот. Сите крајбрежни држави на Арктичкиот океан се однесуваат токму како што предвидува Законот за морињата“, вели Тимо Коивурова, гостин-професор која што специјализира на прашањата за северот на Универзитетот на Нов Јужен Велс во Австралија.

Но многумина други, од научници, па се до дипломати и воени функционери, не се согласуваат сосема со оптимистичкото гледиште на Коивурова.

„Најпозитивното сценарио (за мир на Арктикот) е ако ја надминеме потребата од фосилни горива“, вели Пол Вапнер од Американскиот универзитет. „Најдобро сценарио, пак, е ако изградиме кооперативни институции – со претставници на домородните народи – кои ќе користат кооперативни и мирољубиви средства за да обезбедат фер пристап до овие ресурси.“

„Сценариото на судниот ден би било она на војни за ресурсите. Како што се влошуваат климатските промени, луѓето ќе бидат присилени да изнајдат повеќе ресурси за да можат да им работат климатските уреди и така натаму. Мое предвидување е дека се уште ќе бидеме зависни од нафтата (кога ќе се истопат главните поларни капи) и овие ресурси ќе ги експлоатираат неколкуте најмоќни – меѓу кои се САД, Русија и Кина“, смета професорот Вапнер. /крај/Aljazeera/сс/



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Во прв круг за претседател е избран само Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат одат во втор круг

По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг од осамостојувањето до...

Топ3 часа

Маж од Радовиш со месеци сексуално вознемирувал малолетно девојче

Радовишанец со месеци силувал малолетничка Вчера, во Полициската станица Радовиш било пријавено дека 45-годишен жител на Радовиш во периодот од...

Македонија4 часа

Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата

Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се...

Македонија6 часа

Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата

Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на...

Македонија6 часа

Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи

Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските...

Македонија6 часа

Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро

На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на...

Македонија6 часа

Пендаровски победи во три општини, а Таварари и Димитриевски само во општините во кои се градоначалници

Кандидатите за претседател Гордана Силјановска-Давкова и Бујар Османи освоија најмногу гласови на претседателските избори по број на општини. Според податоците...

Македонија7 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8 мај

Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација...

Македонија7 часа

Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска, со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори,...

Македонија17 часа

Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг

Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат...

Македонија18 часа

Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски

Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е...

Македонија18 часа

(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема...

Македонија19 часа

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден

Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски....

Македонија19 часа

Силјановска за убедливото водство: Напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот...

Македонија20 часа

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ посака среќа во вториот круг

Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова.  Со оглед...

Македонија21 час

Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција

Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените...

Македонија21 час

Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот...

Македонија21 час

Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт

Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува...

Македонија22 часа

ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија...

Македонија22 часа

Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список

Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и...