Контакт

Анализи

Иран и можноста да се затвори теснецот Хормуз

Објавено пред

Честопати е повторувано дека „вистинската нуклеарна опција“ на Иран е неговата способност – или барем способност да се обиде – да го затвори теснецот Хормуз, низ кој се одвива околу 90 проценти од извозот на нафта од Персискиот залив, како сиот извоз на течен природен гас од заливските земји

dobivaj vesti na viber

Честопати е повторувано дека „вистинската нуклеарна опција“ на Иран е неговата способност – или барем способност да се обиде – да го затвори теснецот Хормуз, низ кој се одвива околу 90 проценти од извозот на нафта од Персискиот залив (40 проценти од глобалната поморска трговија со нафта), како сиот извоз на течен природен гас од заливските земји. Во момент кога светот се уште се соочува со најголемата економска криза од Големата депресија наваму, тоа е сериозна закана и изискува прецизна анализа.

Иран, всушност, има широк опсег на воени опции за попречување на извозот на енергенси низ теснецот и тоа не е ништо ново. Речиси уште од самото основање на Исламската република во 1979 година, Иран покажува воена сила во Персискиот залив, што започна со напади врз ирачките танкери (и кувајтските танкери кои превезуваа ирачка нафта), во текот на војната помеѓу Иран и Ирак во текот на 1980-те години. Но, за сето ова време, Иран никогаш во полна мерка не ја искористил својата способност да го затвори теснецот Хормуз за поморска трговија – иако несомнено ја има. Иако иранската армија цела палета на опции за ограничени борбени удари, оваа анализа се фокусира на динамиката на евентуален обид за целосно затворање на теснецот.

Одвраќањето и потенцијалите за конфликт

Техеран е одамна свесен за геостратешката важност на неговата близина до теснецот Хормуз. Заканата со минирање на теснецот или со напади врз танкерите со проектили против бродови е централна компонента на иранската одбранбена стратегија. Држејќи го теснецот под ризик, Техеран ги зголемува последиците од каква и да е воена акција против него, со тоа што го вклучува и хаосот во цената на горивата. И покрај тоа што Иран досега одбегнуваше воени акции, оваа стратегија на одвраќање може да се оцени како успешна.

Сепак, стратегијата има неколку слабости. Како прво, таа може да обезхрабри евентуален напад, но не и да спречи. Во моментот кога ќе започне воен напад врз Иран, неговата воена стратегија може да се смета за пропадната. Обидот да се затвори теснецот откако ќе започне воениот напад не може да го спречи тој напад – може да послужи само како казнена мерка. Во најдобар случај, иранската отстапка со тоа што би ги прекинал акциите во теснецот може да послужи како додатна карта на преговарачката маса за евентуално примирје. Но, создавањето невољи во теснецот тешко може да и се продаде не меѓународната јавност како „одбранбена“ мерка. Во свет кој се обидува да се извлече од тешката економска криза, потегот на Иран со затворањето на теснецот може да го обедини светот против Иран – можеби и уште пожестоко отколку против Ирак по „Пустинската бура“ во 1991 година.

Другата слабост е поврзана со еден од класичните проблеми на нуклеарното одвраќање – воената иницијатива да се нападне прв. Во овој случај, САД најверојатно ќе сака да го искористи елементот на изненадување, со тоа што ќе пронајде и ќе нападне колку што е можно повеќе цели и не само нуклеарната програма, туку и одбранбените инсталации – онаму каде што очекува да бидат тие цели. „Штосот“, секако, е во тоа што и на Иран му е потребен елементот на изненадување. Бидејќи цели со висок приоритет во каков и да е воздушен напад од страна на САД ќе бидат инсталациите на Иран преку кои може директно да возврати, какво и да е возвраќање од страна на Иран откако САД ќе нападнат први ќе биде деградирано, можеби и многу намалено, зависно од ефикасноста на американското разузнавање (Иран претставува огромен разузнавачки проблем за САД).

Како резултат на тоа, иако стратегијата на Иран на одвраќање досега го одложуваше конфликтот, во секој момент може да се премине линијата и се да се сврти наопаку. Наместо и натаму да го одложува конфликтот, секоја од страните ќе биде поттикната да дејствува поагресивно, со цел да се претрка другиот. И проблемот не е само во тоа што оваа линија реално постои. Линијата е одредена од субјективната, грешна перцепција на секоја од страните за намерите на другиот, што остава многу простор за погрешни одлуки.

Значи, и покрај значителните ризици за Иран ако го затвори теснецот, таа опција не смее да се отфрли. Напротив, во моментов, со толку многу политички турбуленции – не само помеѓу Вашингтон и Техеран, туку и помеѓу Вашингтон и Москва, ако и реалноста на Израел – ризиците од погрешна проценка се огромни кај сите засегнати.

Теснецот Хормуз

Пловните води на теснецот Хормуз е околу 20 милји во широчина на најтесната точка и ги поврзуваат Персискиот залив со Оманскиот залив, со Арапското море и натаму со светските океани. Трговскиот и останатиот поморски сообраќај, во кој се вклучени и околу 16 или 17 милиони барели сирова нафта дневно, натоварена на некои 15 танкери, се одвива по два предодреден поморски патеки, внатре во водите на Оман. Секоја од патеките (една води кон, а другата од Персискиот залив) е широка две милји, а меѓусебно се одделени со гранична зона, исто така широка две милји (Речиси целиот теснец јужно од островите Кешм и Ларак се доволно длабоки да поддржат танкерски сообраќај, што значи дека има простор поморскиот сообраќај да се оддалечи од иранскиот брег). Важноста на овој воден пат и за американските воени интереси и за економските е огромна. Имајќи го предвид општиот (и фундаментален) интерес на Вашингтон да обезбеди слобода а морињата, морнарицата на САД би била речиси присилена да одговори агресивно на каков и да е обид да се затвори теснецот Хормуз.

За техеран од огромна важност е не само стратешката близина до теснецот, туку и асиметричните воени опции поврзани со близината. Конвенционална интервенција во теснецот од страна на иранските површински воени бродови и од подморниците е најмалку можно сценарио. Иран има само неколку поголеми корвети и фрегати и тие би биле лесна цел за американските поморски и воздушни сили, која е постојано распоредена на домет на теснецот. Иако Иран, најверојатно во секое време може да мобилизира барем две од неговите три подморници од класата „Кило“ од руско производство, претрупаните и плитки води на теснецот ги прават подморникарските операции особено тешки.

Тешкотиите се состојат во тоа што обученоста на посадите на иранските подморници (која е во најмала рака сомнителна) ќе биде ставен на Жесток тест при реално оперативно сценарио. САД, исто така, ги смета иранските подморници за сериозна закана и би сториле се да ги уништат уште во првиот напад, или во море или уште во пристаништата. Во секој случај, иранската морнарица нема доволно подморници од оваа класа за да може да смета на подолг оперативен период на подморниците по започнувањето на конфликтот.

Бидејќи е многу свесен за неговата квалитативна слабост при директен судар со американската морнарица, Иран разви бројни поасиметрични опции. „Најконвенционална“ од нив се неговите брзи чамци со офанзивни проектили, особено патролните чамци со водечки проектили „Каман“ од француско производство (Иран започна да гради свои копии на овие чамци, иако според информациите, првите три се изградени во Каспиското море). Помали од корвети, секој од овие чамци има митралез со среден калибар и три или четири проектили против бродови. Овие пловила беа едни од најактивните во текот на иранско-ирачката војна. Ако се употребат во изненадувачки напад, тие би можеле да постигнат неколку удари врз сообраќајот во теснецот пред да бидат уништени.

Дури и со ваквите брзи бродови со проектили, Иран го има проблемот со зависноста од пристаништа и ранливоста. Иранската конвенционална морнарица, чиј дел се и овие бродови, ќе мора веднаш да ги напушти пристаништата за да избегне уништувања крај доковите – што е особено тешко ако САД нападнат први. Секако, поради огромната надмоќ на американските поморски и воздушни сили, иранските бродови и подморници нема да бидат ништо побезбедни ниту на отворено море. Дури и да успеат патролните чамци да опстојат во првите моменти на конфликтот, тие нема да имаат функционално пристаниште во кое би се вратиле за снабдување и поправки.

Но, Иран има и други асиметрични трикови во ракавот.

Згора на неговите брзи патролни бродови, кој се дел од конвенционалната морнарица, Иран исто така поседува многу помали глисери, кој се дел од поморскиот огранок на Корпусот на исламската револуционерна гарда (КИРГ). Овие глисери станаа озлогласени во јануари 2008 година, кога беа употребени за малтретирање на американските воени бродови во теснецот.

Постојат многу начини на кои овие глисери можат да се употребат против танкерскиот сообраќај во теснецот, но најчест е групирањето во роеви, за да се надвладее одбраната на бродовите. Некои од сценаријата за употреба на овие мали, многу подвижни глисери предвидуваат од нив врз големите бродови да се стрела со рачни фрлачи или друго пешадиско вооружување или да се наполнат со експлозиви за самоубиствените напади. Иако нападите со рачни фрлачи може само да го изнервираат екипажот на огромните американски бродови, кои тежат по 10.000 тони, самоубиствените напади се сметаат за сериозна закана и за воените бродови и за танкерите, кои тешко маневрираат во претрупаните води на теснецот.

Веднаш се наметнува примерот со американскиот разурнувач USS Coleкој беше погоден од мал чамец во самоубиствениот напад во јеменското пристаниште Аден во 2000 година. Но, тогаш USS Cole беше вкотвен во пристаниште, а одбрана му беше додатно попречена од строгите правила за борбен ангажман. Во една отворена војна, американските воени бродови би биле многу послободни да ја ангажираат одбраната и многу поподготвени за напад од пловила од каков и да е вид.

Згора на тоа, модерните воени бродови, иако не толку агилни како малите глисери, се тешко вооружени. Површинските воени борбени пловила на САД се вооружени со поморски топови со калибар од 12,5 сантиметри, со тешки митралези наредени да ги покријат сите делови на бродот, а честопати со „бушмастер“ топови со калибар од 25 милиметри. Бродовите се вооружени и со оружени системи „Фаланкс“, кој служат како последна одбрана од проектилите и кои се надградени со оптички и инфрацрвени сензори за површински цели.

Натаму, големината на глисерите на КИРГ ја ограничуваат носивоста на експлозиви. Оттаму, секаков напад би можел да биде апсорбиран со контрола на штетата, па така погодениот американски брод најверојатно не би бил во можност да продолжи со мисијата, но шансите да потоне се речиси непостоечки.

Исто така, оддалеченоста од брегот, каде што најверојатно би демнеле глисерите и поморските патеки е значителна (преку 10 наутички милји) и дури и со видливост под оптималната, модерното вооружување на американските бродови има дава значителна предност во дострелот. Штом еднаш би започнале непријателствата, роевите глисери кои би се обиделе да им се доближат на бродовите под узбуна најверојатно би претрпеле значителни загуби пред да успејат да дојдат на оддалеченост од која можат да направат штета.

И додека на огромните танкери им недостасува одбраната и контролата на штетата што ја имаат воените бродови, самата нивна масивност им пружа посебна заштита. Струите кои се создаваат при движењето на овие огромни бродови би ги повлекле чамците од прамецот кон елисите, што најверојатно не би ги спречило да му се доближат на танкерот, но многу би им ја отежнало задачата. Згора на тоа, иако се многу подвижни, глисерите не се направени да оперираат далеку од брегот и самите длабоки води за нив би претставувале огромен предизвик.

Додатно, сировата нафта многу тешко се пали, па товарот на еден супертанкер , всушност би можел да послужи да ги апсорбира експлозиите. Додатно, коморите со нафта се одделени, со што би се ограничила штетата. Дуплите ѕидови на бродот се стандардни за сите нови бродови речиси една деценија, а од годинава ќе бидат обврзни за сите танкери. Комбинацијата од дизајнот и самата масивност натаму ја ограничува ефикасноста не само на малите чамци, туку и на проектилите против бродови и на поморските мини.

Иако со сигурност би истекла сирова нафта ако се пробијат и двата ѕида на бродот, дури и напад од повеќе глисери не би можел да стори нешто повеќе од тоа да го забави танкерот. Францускиот танкер со нафта Limburg, кој беше нападнат од мал чамец наполнет со експлозиви во 2002 година во поотворените води на Аденскиот залив, гореше неколку дена пред да биде одвлечен до најблиското пристаниште, каде што беше успешно поправен.

Крајбрежни проектили против бродови

Иран е исто така познат и по обемниот арсенал на проектили против бродови сместени на брегот, иако точниот состав на тој арсенал е непознат. Истите разузнавачки проблеми кои САД ги има со нуклеарната програмана земјата се однесуваат и на арсеналот од поморски проектили и мини.

Некои од овие проектили се од американско производство, набавени пред револуцијата и падот на шахот, а повеќето беа употребени во ирачко-иранската војна. Но, уште тогаш Иран започна да трупа проектили од кинеско производство, како што е кинеската копија на советскиот проектил СС-Н-2 „Стикс“. Познат како „свилена буба“. Повеќето проектили се сместени на подвижни лансери и можат бргу да ја сменат позицијата, што е многу битно при еден ваков конфликт.

Сепак, повеќето проектили од арсеналот на Иран се без системи за прилагодување кон теренот, што значи дека треба да бидат истрелани од позиции со чист видик кон морето. Иран, исто така, покрај со лансерите, проектили мора да бидат поврзани и со радари кои, еднаш штом бидат вклучени, почнуваат да зрачат и стануваат лесни за лоцирање и уништување. Некои од нив можат да бидат истрелани „на слепо“, со надеж дека проектили самите ќе пронајдат мета преку вградените трагачи.

Иран исто така може да употреби и проектили истрелани од воздух. Но, авионите-ловци се многу поголеми од проектилите и полесно се забележуваат од моќните радари кои ги имаат американските воени бродови. Згора, иранското воено воздухопловство може да биде збришано уште во првите неколку часа по почетокот на конфликтот, а САД речиси сигурно многу бргу ќе се стекнат со воздушна превласт.

Оттаму, Иран мора да биде подготвен на темелно уништување на неговите проектили против бродови веднаш штом започнат непријателствата, а секако ќе се соочи и со намалена способност за користење на овие проектили како што конфликтот ќе зема замав.

Сето ова посочува дека проектили против бродови можат да послужат при ограничен и краткотраен конфликт и за краткорочно попречување на сообраќајот во теснецот, но на долги патеки, Техеран ќе мора да се потпре на друго оружје. Многу попримитивни и потешко за одбраната – поморските мини.

Со текот на годините, Техеран има натрупано илјадници мини, во најголем дел од Русија и од Кина. Повеќето се старомодни, површински мини кои слободно пловат и мораат да направат директен контакт со бродот за да експлодираат. Но, Иран има набавено и покомплицирани и помодерни мини, со чувствителни сензори. Некои од нив се активираат на акустични дразби, други од магнетското влијание на металот од кои се направени бродовите. Штом еднаш се разместат, овие мини вообичаено се спуштаат на дното на морето и се дизајнирани при контакт со метата да ослободат нешто налик на мало торпедо, кое дури може и да се наведува.

Се смета и дека Иран има и сопствено производство на мини, што уште повеќе ја компликува ситуацијата за САД. Проблемот со мините на Оран е во тоа колку и какви мини има, туку какви импровизирани интервенции има направено врз нив. А, според експертите, опциите за модифицирање на мините се речиси неограничени.

Што се однесува до поставувањето, на Иран дури и не му требаат специјализирани бродови, кои ги има малку, поставувањето е толку едноставно, што за тоа може да се користат и рибарски бродови, но и брзите глисери на Корпусот на републиканската гарда. Иран има две опции за поставувањето: систематско разместување непосредно пред конфликтот, додека не бидат забележани активностите и разместување откако ќе започне конфликтот, што е многу понеповолно за Иран.

Од сето ова произлегува дека Иран нема капацитет и арсенал на мини за сценариото на најлош случај: „сеење“ со мини на целиот теснец Хормуз, со што ефективно би се попречило влегувањето на каков и да брод во теснецот. И покрај способноста да ги користи глисерите за таа намена и големиот број на наменски и на рибарски бродови, способноста на Техеран да изведе ваква операција со таква разновидна и прикрпена флотила, која треба да се користи за разместување на арсенал од мини составен од најразновидни набавени и „прикрпени“ мини е, во најмала рака, сомнителна.

Згора на тоа, САД има огромно воено присуство во регионот, па техеран тешко дека ќе го има луксузот на времето потребно целиот теснец Хормуз да се „посее“ со мини.

И конечно, штетата којашто дури и голем број на мини можат да ја нанесат е многу ограничена. Повеќето поморски мини, а особено оние постарите, можат само делумно да оштета еден танер или воен брод. Но, во ваква војна со мини, крајната цел е психолошка. Несигурноста дали и каде е заканата може да донесе повеќе страв отколку ако се знае која е и каде е заканата.

За да го попречи комерцијалниот сообраќај низ теснецот, Иран нема потреба да создава кохерентни мински полиња во теснецот. Доволно е еден цивилен брод да налета на мина и цените на нафтата на глобално ниво може драматично да пораснат.

Заканата со попречување на сообраќајот во теснецот никогаш нема да биде поефективна од сегашниот момент, кога светот штотуку почна да покажува знаци на економско заздравување. Скок на цената на нафтата може да го турне светот во криза полоша и од онаа пред повеќе од три години.

Иницијалниот шок за глобалната економија ако танкер со нафта е погоден од мина во теснецот ќе биде длабока, но жестокоста и траењето ќе зависат од на од обемот на минирањето, способноста на Иран да продолжи да поставува мини и брзината на операциите за чистење на мините. И, како и секогаш, сето тоа ќе зависи од квалитетот на разузнавачките информации. Додека некои воени цели, како пристаништа, се огромни, статични и добро познати, мините се многу порасфрлани (како и нуклеарната програма на Техеран)Тоа и големиот број на мали чамци за таа намена кои ги поседува Иран, може да доведе до тоа САД да не се способни бргу да ги сопрат операциите на поставување на мини.

Како и да е, воената способност на Иран не треба да се сфати како независни програми, кои би се употребиле засебно. Ако се обиде да го затвори теснецот, Иран ќе го употреби целиот спектар на оружја, со цел да нанесе што е можно поголема штета. На пример, Иран може да ги сочува своите проектили против бродови во резерва и да ги користи само врз малите бродови кои ќе се обидат да ги исчистат мините. Згора на тоа, на САД ќе им биде потребно многу напор и време да ги замени уништените бродови со други, донесени од дома, затоа што малку е веројатно дека Вашингтон ќе добие предупредување пред да започнат воените операции, за да може да распореди во регионот доволно опрема од ваков вид.

Крајниот заклучок би бил дека постојат значителни ризици и многу неизвесност и за двете страни. Но, иако способноста на Иран да го затвори теснецот Хормуз е под знак на прашање, мал е сомнежот дека со голема брзина може да предизвика хаос врз глобалната економија дури и ако стори многу помалку од целосна блокада. /крај/stratfor/сс/



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг

Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат...

Македонија3 часа

Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски

Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е...

Македонија3 часа

(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема...

Македонија4 часа

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден

Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски....

Македонија4 часа

Силјановска за убедливото водство: Напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот...

Македонија5 часа

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ посака среќа во вториот круг

Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова.  Со оглед...

Македонија6 часа

Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција

Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените...

Македонија6 часа

Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот...

Македонија7 часа

Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт

Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува...

Македонија7 часа

ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија...

Македонија7 часа

Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список

Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и...

Македонија7 часа

Силјановска: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт

Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето во првиот...

Македонија7 часа

„Нека победи подобриот“ – Таравари рече дека поседува видео снимки за купување на гласови

Кандидатот за претседател, Арбен Таравари, гласаше со своето семејство, пришто порача изборите да бидат фер и демократски. „Нека победи подобриот....

Македонија7 часа

Ванковска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам

Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица го оствари своето право на глас на ИМ во ОУ „Јан Амос Коменски“ во...

Македонија7 часа

(Видео) Пендаровски: Држава што преговара со ЕУ не смее да си дозволи лош изборен процес

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, денеска гласаше на првиот круг од претседателските избори. Во изјава за медиумите Пендаровски истакна дека...

Македонија8 часа

Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот

Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Како што...

Македонија9 часа

Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори

До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто....

Македонија10 часа

Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати

Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки...

Македонија12 часа

ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери

Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на...

Македонија14 часа

Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач

Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип....