На месец пред изборите во САД, Клинтон во водство

На месец пред изборите во САД, Клинтон во водство

Еден месец пред претседателските избор во САД на 8-ми ноември, кандидатката на Демократската партија Хилари Клинтон според анкетите е во подобра позиција од ривалот од Републиканската партија, Доналд Трамп и може да влезе во американската историја како првата претседателка, иако изборната кампања на двајцата кандидата со најниско ниво на доверба во историјата на трките за Белата куќа е непредвидлива од почетокот и може да приреди изненадување во последниот момент.

Меѓутоа, во просек најновите национални анкети на Хилари Клинтон ѝ даваат предност од 3,2 процентни поени пред Доналд Трамп, со 43,9 отсто наспроти 40,7 отсто насочени гласови, во анкетите кои ги вклучуваат и другите послаби кандидати Гери Џонсон од Либертаријанската партија и Џил Штејн од Зелените.

Во 12 клучни сојузни држави каде што се одлучуваат изборите во САД, 68-годишната поранешна прва дама и поранешна државна секретарка последните две седмици има зголемени шанси. Клинтон го презема водството од Трамп на Флорида, во Невада, во Северна Каролина и Колорадо. Ја зголеми предноста во Пенсилванија, но во Охајо нејзиниот противник е во предноста, иако се проценува дека оваа држава не ѝ е неопходно, доколку ги оствари победите, во претходно споменатите, за да оствари конечна победа.

Малку пред и веднаш по првата телевизиска дебата, 70-годишниот Трамп ја стопи двоцифрената предност на Клинтон, па дури и едно време за неколку процентни поена во некои анкети мина во водство.

„Динамиката беше на негова страна“, оценува за AFP Роберт Шапиро, експерт на Универзитетот Коламбија во Њујорк. Меѓутоа, смета дека послабото преставување на Трамп во дебатата, неговите реакции по неа, ја преобратила динамиката. Оцените се дека неговите гневни твитови на сметка на поранешната латино Мис Универзум, го зголемиле сомневањата во неговиот карактер.

На демократите, пак, не им помогнаа многу и објавувањата во The New York Times на неговата даночна картичка од 1995 година, кога пријавил астрономска загуба од неколку големи финансиски операции од 916 милиони долари, што би му овозможило следните 18 години да не плаќа данок што „можеби“ го користел. Меѓутоа, повеќе влијателни финансиски стручњаци укажаа дека не станува збор за нелегална активност, туку доказ за неговата „генијалност“ во користење на законите за да ја спаси компанијата.

Но тоа истовремено ги потсети избирачите и на скандалот и истрагата во врска со семејната фондација на Клинтонови, односно сомневањата дека странски влади уплатувале значителни суми особено во периодот додека таа беше шефица на дипломатијата на САД, од 2009 до 2013 година.

Оттаму, еден месец пред изборите демократите се претпазливи, бидејќи некои истражувања на јавното мнение покажуваат дека би можело да бидат претпазливи. Претседателската кампања, покажуваат анкетите, одбила милиони гласачи. А апстиненцијата на избирачите ги загрижува демократите, кои сфаќаат дека во републиканскиот камп одушевувањето е поголем.

За да ги мотивираат младите жени, расните заедници и општествените малцински заедници, на теренот излегуваат и нејзиниот сопруг, поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, како и актуелните станари на Белата куќа, Барак и Мишел Обама, сенаторите Елизабет Варен и нејзиниот против кандидат за партиската номинација Берни Сандерс, и ќерката Челзи Клинтон. Се најавува и активност на поранешниот потпретседател Ал Гор, кој како голем поборник на екологијата треба да ги привлече активистите за зачувување на природната средина./крај/мф/сн

Извор: Макфакс