МАКФАКС

Спречен обид за криумчарење дрога, откриени измами и запленети пари…

Спречен обид за криумчарење дрога, откриени измами и запленети пари…
06.02.2017, 13:47

 

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија обид за криучарење дрога, открија три царински измами и спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани пари, оружје и муниција, цигари, возило со бункери, делови за возила, тестови за бременост и облека.

 

На граничниот премин Табановце, при контрола на шведски автомобил, со кој за излез од државата се пријавиле двајца шведски државјани биле откриени две таблети екстази и 1,5 грама марихуана.Таблетите екстази биле пронајдени во паричник сместен помеѓу предните седишта, додека марихуаната била пронајдена во зипер кесичка, сместена во кутивче од тутун за жвакање, која се наоѓала на патосот кај задните седишта.

 

При контрола на грчки автомобил со кој за влез во државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле двајца грчки државјани, кај кои биле пронајдени 30 илјади евра. Во преградата за документи и во преградата меѓу предните седишта, биле пронајдени вкупно 50 илјади евра. Согласно законските прописи, на двајцата патници им биле вратени по 10 илјади евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а против возачот е поднесенно барање за поведување прекршочна постапка.

 

При контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица биле откриени 60 штеки цигари Pall Mall. Непријавените цигари, пронајдени во просторот зад задното седиште и багажникот, се привремено задржани а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 

На граничниот премин Табановце автопат привремено е задржан италијански автомобил во кој биле откриени специјално подготвени бункери наменети за криумчарење стока, кој пријавен за излез од државата, а бил управуван од албански државјанин. Имено, со вадење на задната клупа од горе наведеното возило и отварање на страничните тапацири од десната и од левата страна, пронајдени се две специјално направени електронски брави и две празни шуплини облепени со текстилен материјал за криумчарење на стока. Против возачот е отпочната соодветна постапка.

 

Во текот на минатата недела се откриени три обиди за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока, од кои  два обиди во царинската испостава Гевгелија и еден обид во царинската испостава Прилеп.

 

Во царинската испостава Прилеп, увозник од Прилеп пријавил за увозно царинење метални кутии – амбалажи за пакување, со потекло од Кина, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 3 отсто. Поради сомневање во правилното декларирање на стоката, била  земена мостра и доставена за анализа во царинската лабораторија. Од извршената анализа било утврдено дека производите треба да се распоредат во друга  тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 15%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака биле пресметани дополнителни давачки во износ од околу 308 илјади денари.

 

Во царинската испостава Гевгелија, во два случаи, увозници од Скопје, пријавиле за увозно царинење додатоци за добиточна храна, декларирани во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0 отсто и стапка за ДДВ од 18 проценти. Поради сомневање во правилното декларирање на производите, во двата случаи се земени мостри, и испратени за анализа во Царинската лабораторија.

 

Од извршените анализи констатирано е дека, во двата случаи, добиточната храна со трговски назив Saltech треба да се распореди во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 30 отсто и стапка за ДДВ од 5 проценти, додека добиточната храна со трговски назив  Yea-K треба да се распореди во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0 отсто и стапка за ДДВ од 5 проценти. Врз основа на новоутврдените тарифни ознаки пресметани се дополнителни давачки во износ од околу 13 илјади денари. Покрај тоа изготвени се записници за тарифна ознака и спроведени се прекршочни постапки со мандатни казни против увозниците./крај/мф/бс

 

 

 

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *