Тетовска фабрика за мебел ограбена за 100.000 евра

Тетовска фабрика за мебел ограбена за 100.000 евра

Жител на тетовската населба Голема Речица на возраст од 48 години вчера пријавил во тетовската полиција дека од канцеларијата на неговата фирма за производство на мебел биле одземени околу 100.000 евра во разни апоени, информираше во саботата портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Според пријавата на сопственикот, тешката кражба најверојатно била извршена ноќта меѓу недела (29.01) и понеделник (30.01) од засега непознат сторител или сторители при што на докрај неутврден начин тие ја отвориле вратата од канцеларијата од фабриката што се наоѓа на излезот од Тетово кон Гостивар и металниот сеф што бил внатре од каде ги одзеле парите и незабележани од никого го напуштиле местото.

 

По добиената пријава полицијата извршила комплетен увид, било разговарано со сопственикот и неколку други лица вработени во фирмата, а разговорите и со други лица ќе продолжат и денеска најави Јосифоски.

 

Тој посочи дека полицијата интензивно работи на расветлување на случајот и откривање на можните сторители, како и на утврдување на точниот начин како е влезено во канцеларијата и како е отворен сефот./крај/мф