Ако влегуваш во храмот на љубовта

Ако влегуваш во храмот на љубовта

 

Деновиве од печат излезе најновата книга на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, посветена на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.

 

Со оваа книга, всушност, се заокружува мултимедијалниот проект кој почна со специјалната радиоемисија што под ист наслов беше емитувана во пет едночасовни продолженија во текот на јули и август 2013 година на програмата на Македонското радио.

 

Радио Скопје по повод педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија. Како таква таа е своевиден претоп на жанрот радиоемисија во книга коментари, сведоштва, критики, есеи, поезија и поезија за поезијата на најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија туку и во македонската култура воопшто.

 

Даница Ручигај со својата исконска физика и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие наши македонски простори, пред повеќе од пет децении со своите стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” ги удри темелите на т.н. женско поетско писмо во македонската поезија и со тоа ја подотвори вратата низ која по нејзините стапки достоинствено и со дигнитет ќе тргнат повеќе модерни, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија.

 

Таа, македонската Силвија Плат, амазонката на македонската современа поезија, и најхрабрите по неа се изборија за рамноправно создавање на жената во најсуптилната сфера во уметноста – поезијата, дарувајќи ни возвишени плодови на поетското создавање збогатувајќи ја комуникацијата меѓу двата пола и облагородувајќи го светот во нас и околу нас. Затоа, мораме да признаеме, сакале или не, дека во тоа време преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува авангарда во вистинска смисла на зборот.

 

Но, и покрај тоа, Даница и нејзините „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот” ја имаа таа проклета наша македонска судбина да бидат жртви на ненамерна или намерна заборавеност и на повеќедецениски целосен молк. Затоа, оваа книга и радиоемисијата „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, како неодамна објавената книга  „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”, се уште еден обид на авторите, кои повеќе од две децении неуморно трагаат по животните и творечките врвици на

 

Даница Ручигај, од првата македонска поетеса да биде симната копрената на заборавот и, конечно, да си го заземе местото што ѝ припаѓа на македонското поетско небо.

Книгата, како впрочем и радио емисијата, има повеќеслојна структура, односно преплет на повеќе жанрови и видови литература: авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, сеќавања на триесетина нејзини пријатели, познаници, современици и следбеници, литературни критики, есеи, избрани стихови од нејзините две антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот”, но и песни посветени на Даница, како и податоци за проекти посветени на или инспирирани од неа.

 

И сето тоа збогатено со ретки и оригинални фотографии на нестварно прекрасната и преубава поетеса. Како таква, „Ако влегуваш во овој храм, во кој љубовта е вера, помоли се!”, всушност, е книга – концентрат на најважното за Даница, за она што не смее да се заборави за жената која сосема сама започна и сврте цела една страница во македонската поезија и култура воопшто.

 

Рецензенти на книгата се универзитетските професори и литературни творци Васил Тоциновски и Кристина Николовска, според кои „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!’ е капитален зафат во македонската културна историја и показ на врвно достигнување во монографскиот пристап кон македонските автори и дела и особен придонес во мултимедијата, оти е ’книга – дете’ на прекрасна и длабоко осмислена радиоемисија. Овој висок, возвишен и несекојдневен чин на културен факт останува во врвот на македонската култура како највредното во националната, но и светската колекција на скапоцени драгоцености. Ако Даница беше невидена поетска светлина и ако самата беше поезија, тогаш оваа книга има вонвременска димензија како и самата Даница“.

 

Инаку, Искра Чоловиќ и Свето Стаменов неодамна ја објавија книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”, исто така, посветена на првата македонска поетеса, а тие беа и приредувачи на книгата „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај, која беше објавена во 2003 година по повод 40-годишнината од нејзината трагична смрт и од скопскиот катастрофален земјотрес и која, покрај двете нејзини антологиски стихозбирки, содржи се што дотогаш беше напишано и објавено за неа и за нејзиното творештво.Крај/мф/кс