Алаѓозовски: На Македонија ѝ се потребни европските културни вредности

Алаѓозовски: На Македонија ѝ се потребни европските културни вредности

Министерството за култура на Република Македонија во соработка со Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија (Сектор за култура) и Агенцијата за филм на РМ, денеска во ЕУ Инфоцентарот во Скопје организираа конференција на тема: „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“.

На конференцијата се обрати министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој говореше на тема „Патот на Западен Балкан кон ЕУ: Културата има своја улога“.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, кој зборуваше на темата „Зошто културата е важна за Европската Унија?“, а свои поенти сподели и раководителот на Секторот за култура од Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија, Карел Бартак.

Алаѓозовски потенцира дека на Конференцијата на највисоко ниво беше потврдена посветеноста на Македонија за активна вклученост во комплексниот контекст од кој произлегува и во кој се спроведува програмата Креативна Европа и нејзината рефлексија, не само во реформските и евроинтеграциските процеси на Република Македонија туку и во градењето мостови за заеднички културен простор.

„Анализите покажуваат дека македонските организации и институции се добро застапени во европските програми и дека има простор да се зголеми нивното учество во соработничките проекти, мрежите и платформите кои се нудат во програмата на Креативна Европа“, рече Алаѓозовски.

Во новата стратегија во културата што се изготвува има посебно поглавје за европеизацијата на македонскиот културен контекст.

Како главни приоритети беше истакната можноста на земјите од Западен Балкан да ги користат сите механизми на ЕУ, па затоа сите учесници на конференцијата се согласни од потребата на зајакната културната дипломатија што ќе се спроведува со конструктивна соработка со МНР во рамки на регионот и Европската Унија.

Алаѓозовски ја искажа подготвеноста на Македонија во натамошна соработка во дигитализацијата со помош на иновативните методи и технологии, како вклученоста на нашите институции во усогласување на ставовите за ефикасно спроведување на проектите во следната година, кога Европа ќе ја одбележува Годината на културното наследство.

На конференцијата ќе биде опфатен и практичен дел кој се однесува на досегашните резултати од спроведувањето на програмата на европско ниво, како и тековните повици за аплицирање за потпрограмите „Култура“ и „МЕДИА“.