Алаѓозовски: Одлуките за субвенции на МРТ се незаконски

Алаѓозовски: Одлуките за субвенции на МРТ се незаконски

Министерството за култура, по добивањето на одлуките на МРТ по објавениот конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, уште денес упати инспекциски надзор кој констатира дека длабоко се пробиени роковите за носење на овие одлуки и во согласност со тоа овие одлуки треба да бидат поништени, изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, на прес-конференција во Битола.

„Од страна на инспекцискиот надзор раководството на МРТ беше предупредено дека се соочува со кривична одговорност поради овие незаконски донесени одлуки, со кои му се создава штета на буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата. Исто така, раководството на МРТ беше предупредено дека склучувањето договори со авторите по овие одлуки ќе предизвика дополнително кршење на законот и нови основи за кривична одговорност“, рече министерот.

Алаѓозовски рече дека Министерството не само што ги оспорува овие одлуки и во никој случај нема да одобри исплата на средства за избраните композиции туку и дека почна да врши ретроактивна детаљна проверка на претходните конкурси за кои има сознанија и индиции за крупни неправилности.

„Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен овој закон, кој постојано создавал долгови во буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти ниту, пак, придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници“, рече Алаѓозовски.