Алексовска обвинува за политички реваншизам и деградација во скопската Агенција за вработување

Алексовска обвинува за политички реваншизам и деградација во скопската Агенција за вработување
Во Агенцијата за вработување од страна на в.д. директорот Билјана Јовановска од почетокот на нејзиното именување во континуитет се врши политички реваншизам и деградација на државни службеници кои не се политички истомисленици. Денес имавме повторно лажни обвинувања, изнесување невистини, со цел да му се нанесе штета на угледот на раководните и стручните лица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а да се покријат незаконското работење и прераспоредување на кадрите од страна на СДСМ, реагира поранешната директорка на скопската Агенција за вработување, Слободанка Алексовска.
Според неа, Јовановска на 17 август ги прекршила Изборниот законик и Законот за јавните службенци и со известие спротивно на Законот за општата управна постапка ја преместила на пет позиции пониско и го оставила Центарот во хаос и безредие. Истиот ден била донесена одлука за ревизија и се отвариле инструирано дисциплински постапки против Алексовска.
„Целта е јасна да се избркаат од работа сите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Со прекршување на основните стандарди за вршење ревизија се прави упад во Центарот со цел да се изнесат фотокопии за да се манипулира со нив во јавноста, не е запазени стандардите и законската процедура за вршење ревизија, а можно е и подметнување документи за што ќе се поведе постапка против сторителите. Извршени се и насилен упад и вербален напад по наредба на в.д. директорот Јовановска во канцеларијата на раководителот во присуство на пет сведоци за што е пријавено и регистрирано во ПС Центар и против сторителите ќе биде поведена постапка пред надлежните судови. Раководителот има добиено лични навреди и закани за што ќе биде започната постапка пред надлежен суд за вознемирување на работното место и повреда на личниот углед, неприкоснованост на животот,и право на политичко дејствување. Насилството и незаконското деградирање од страна на власта продолжува“, се вели во реакцијата.
Во неа се додава дека ДКСК по приговорот на Алексовска за прекршување на Изборниот законик одлучила дека е основан и ја задолжила АВРМ во рок од 15 дена да достави соодветна документација. Поведена е постапка и пред други надлежни органи и институции. Според Алексовска, Државниот завод за ревизија во Центарот за вработување на град Скопје имал извршено ревизија на работењето за 2015 и 2016 година и не е најдена забелешка во работењето.
„Со овие обвинувања се одвлекува вниманието на јавноста од неисполнетите ветувања за грантови на невработените лица во износ од 10. 00 евра, враќање на иселените 600.000 млади лица и отворање нови работни места.
ВМРО-ДПМНЕ ја намали невработеноста од 36 отсто на 22,9 отсто и никој не може да го скрие овој резултат со одвлекување внимание на граѓаните. Напорно работевме во рамките на законот и отворивме над 170.000 нови работни места“, се додава во демантот.