Антонијо Милошоски одамна се токми, ќе успее ли да го преземе местото на Груевски!?

Антонијо Милошоски одамна се токми, ќе успее ли да го преземе местото на Груевски!?

Додека Никола Груевски ги ситни последните денови како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, токму Антонијо Милошоски се чини е еден од најверните луѓе до лидерот, кој рамо до рамо секоја вечер стои до него на протестите на опозицијата. Милошоски јавно не открива дали посакува да седне на претседателската функција во белата палата, но неговото име одамна се врти во барабанот на можни кандидати за наследник на Груевски.

Антонијо Милошоски е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од 2005 година. Бил потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ од 1997 до 1998 и член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ од 1995 до 1997 година. Во периодот 1999 – 2000 година е шеф на кабинетот на потпретседателот на владата, Доста Димовска, а во периодот од мај 2000 до септември 2001 година е портпарол на владата.
Во 2006 Милошоски станува министер за надворешни работи до 2011 година кога по парламентарните избори се повлекува од министерското место.

Прифатен од меѓународната заедница, посветен активист од студентските денови и докажан дека е верен на партијата уште од времето на претходниот лидер Љубчо Георгиевски – ќе бидат ли додволни критеруми за членството да го прифати Милошоски за иден партиски лидер?

Медиумите одамна го токмат Милошоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но како главна пречка најчесто се споменуваше стравот на Груевски да му ја предаде партијата нему поради опасноста од чистка, односно Милошоски да му го направи на Груевски истото што тој го направи со Љубчо Георгиевски и старите кадри во партијата. Низа критики на контото на Милошоски стигнуваа и за неговото пробугарско расположение и блискоста со бугарското крило на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, црна дамка во кариерата на Милошоски остава скандалот со злоупотребата на службената положба во Собранието за расчистување бизнис-сметки со бизнис-конкуренти на неговото семејство, што ги обелодени опозицијата пред неколку години, а позврзани со купувањето на општинската зграда во општина Пласница, како и обвинувањата за нерегуларности со преземање на Авто-мото сојузот.

Антонијо Милошоски е еден од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ против кого СЈО нема поведено обвинение за криминал, но неговото име се појави во дел од бомбите на СДСМ кога во телефонските разговори со Груевски дава предлози за името, за решение на спорот со Грција, како и за политички реваншизам кога во дел од разговорите Милошоски бара местена лустрација за судија.

Милошоски по професија е политиколог. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а во периодот 2001 – 2002 година завршува магистерски студии по евроинтеграции на Универзитетот „Фридрих Вилхем“ во Бон, Германија. Од ноември 2002 година е докторанд на политички науки на универзитетот „Герхард Меркатор“ во Дујсбург, Германија, каде што работел како научен соработник до 2006 година кога беше назначен за министер за надворешни работи на Република Македонија.

Г.Н.Р