„Бела ноќ“ во Скопје

„Бела ноќ“ во Скопје
На 7 октомври во Скопје по 13 пат ќе се одржи „Бела ноќ“, овојпат со „поскромна“, но квалитетна програма, насочена низ неколку точки во градот. Посетителите ќе можат да ја видат големата изложба на генијалниот Салвадор Дали, во Галеријата на Младинскиот културен центар – МКЦ.
Шпанскиот уметник ги илустирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот  двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет. Ќе бидат изложени и дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествена комедија“, и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“. Вкупно 29 дела од овој мајстор на уметноста. Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад.
На Плоштадот Македонија, во 21 часот, корејската трупа Tago&АtoBIZ ќе го претстави својот музички спектакл, перформансот „Таго: Корејски тапан 2“, кој е виден во целиот свет, на сите континенти, на најпрестижните театарски фестивали во Европа и светот. 30-ина актери, танцувачи, изведувачи и членови на оваа светска атракција, ќе н? почестат со свој 70-минутен перформанс носејќи н? во сосема друг свет. Ова гостување во рамките на Бела ноќ е во соработка со фестивалот МОТ, т.е. во МОТ+ програмата.
Во горното фоаје на кино Фросина, во Младинскиот културен центар ќе биде поставена изложбата „Сексот и револуцијата“. Авторскиот тим Катерина Станковиќ – Бјеговиќ, ликовна уметничка и Јелена Живковиќ, историчарка, ни ги претставуваат љубовните тајни на некои од најголемите имиња на револуциите.
На платото на Младинскиот културен центар ќе настапат :
– Barbarisms – тричлен бенд од Стокхолм, предводен од американскиот композитор Николас Фараоне;
– Conquering Lion – даб/реге/кросовер бенд од Тетово, кој своето творештво го започнува во април 2007;
– Ninos Du Brasil – перкусионистичко италијанско дуо, со позадина од бразилската карневалска музика;
Во Дансинг салата на МКЦ свој настап ќе имаат  I TPAME I TVRAME од Албанија, промоција на албумот Future Attitude , UJ PA GAZ од Албанија, LIVE KANTON6 од Скопје, LIVE NINO NAUMOV од Скопје, DJ Set.
Во Џебното Кино на МКЦ посетителите ќе може да го последат соло-настапот на Alex Jønsson од Данска, наградуван гитарист, композитор и импровизатор.  Филмскиот маратон во кино Милениум, го носи новиот филм на режисерката Теона Стругар Митевска.
Возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови, исто, ќе е бесплатно.