Бејли: Сите вработени во ДИК знаеја дека се делат високи бонуси

Бејли: Сите вработени во ДИК знаеја дека се делат високи бонуси

„Не ја започнав јас приказната со делењето високи бонуси во Државната изборна комисија. Сите вработени таму го знаеја тоа, и не само во Комисијата. Јас го кажав мојот коментар за да почне здрава јавна дебата за тоа прашање“, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли во Штип, каде што пред студентите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ говореше на тема корупција.

На прашањето дали државната антикорупциска комисија треба да работи на овој случај, амбасадорот Бејли вели дека медиумите треба да прашаат таму.

„Мислам дека работењето на институциите е вистински предизвик овде во Македонија. Институциите не секогаш работат и треба да најдете начин да ги натерате да профункционираат. Можеби нашиот најдобар начин е да стоиме настрана и да го видиме импактот од тоа“,  изјави амбасадорот Бејли. Според него, граѓаните, медиумите, сите заедно, не треба да престанат да инсистираат и треба да настојуваат институциите да си ја вршат својата работа и да ги обелоденат случаите на корупција.

Бејли во своето предавање рече дека широко распространета корупција и слабото владеење на правото се две работи, кои одат рака под рака и многу често младите се најголемите жртви на корупцијата. „Младите стануваат демотивирани, немаат доверба во системот. Тоа ги води до тешкиот избор да заминат од државата по подобар живот“, вели Бејли.

Тој забележа дека сите треба да се борат против корупцијата. „Институциите не работат како што треба, па луѓето бараат начин да ги натераат да работат подобро. Најчесто наоѓаат пријатели или подмитуваат некој што ќе ја заврши работата. Тоа изгледа како ситна работа, но има силен ефект врз развојот на државата“, рече Бејли.

Обелоденувањето на веста дека членовите на ДИК за последните избори си поделиле високи бонуси предизвика лавина реакции во јавноста. Како резултат на притисокот од јавноста изминативе два дена речиси сите членови на Комисијата поднесоа оставки, како и претседателот Александар Чичаковски.