Божиновска: Не стопирајте го проектот за Антички театар Скупи

Божиновска: Не стопирајте го проектот за Антички театар Скупи

Алаѓозовски и Социјалдемократскиот сојуз со стопирањето на изградбата на проектот Антички театар Скупи, за жал, ја потценија и навредија маката на илјадници работници, и тоа археолошки работници кои неколку години работеа на тој локалитет. Со ребалансот на буџетот предвиден за изградба на Античкиот театар Скупи, сите средства кои беа наменети за проектот се укинати, и тоа некаде над 80%. Ова потврдува дека на СДС воопшто немаат гајле што илјадници археолошки работници го вложија својот труд сиве овие години наназад, изјави Валентина Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, со ребалансот на буџетот во културата проектиран од Социјалдемократскиот сојуз и Алаѓозовски, тие го кратат буџетот, но го кратат буџетот за сите археолошки истражувања со некаде над 70 %. „Ова е доста лицемерно и срамно од Социјалдемократскиот сојуз. Проектот за Античкиот театар Скупи, кој требаше да се реализира, е еден од најголемите и најзначајни на Балканот, но и воопшто во севкупната археолошка историја и цивилизација, од римско време, кој со својата конзервација и реставрација ќе се возобновеше и повторно ќе можеше да прими некаде од 8 до 10.000 гледачи. Дополнително, кратењето на буџетот за археолошки истражувања на локалитетите низ државата со некаде над 70% ја отсликува негрижата на СДС за културното наследство во земјава“, вели Божиновска.

 

Стопирањето на проектите кои се од огромно значење за граѓаните не носат корист никому, додаде таа, повикувајќи да не се стопира реализацијата на проектот за Антички театар Скупи, како и стопирањето на археолошките истражувања на локалитетите низ земјава.