Борисов и Заев денес ќе стават потпис на заедничката историја

Борисов и Заев денес ќе стават потпис на заедничката историја

Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, денес ќе стават крај на долгите преговори за договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што ги разбуди заборавените фрустрации во земјата.

Иако договорот е речиси идентичен со тој што многу одамна го потпиша поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и со него се најде некакво дипломатско решение за јазикот што може да го прифатат двете страни, настанот денес беше причина за специјални мерки за безбедност, при што уште од вчера просторот околу Владата е блокиран за сообраќај. Сè уште нема најави дали ќе има протести или не, но главната опозициска партија, иако не го прифаќа договорот, повика Македонија да му биде добар домаќин на Борисов, кој со години нема остварено посета на нашата држава.

Потпишувањето е денес напладне, а ќе биде проследено со разговори во четири очи меѓу двата премиера, разговори на двете делегации, а утре полагање цвеќе на гробот на Гоце Делчев, што симболички ќе го претставува заедничкото славење на историјата.

Договорот, според најавите, треба да биде потпишан на официјалните јазици според уставите, на македонски и на бугарски јазик, и во него Бугарија се обрзува да не ѝ става вето на Македонија во НАТО и ЕУ, а Македонија да не се меша во нејзините внатрешни работи за малцинството. Последното е причина кај нас договорот да се доживува како нереципрочен и како попуштање на Македонија пред бугарскиот притисок.

Договорот предвидува и формирање заедничка историска комисија, која врз основа на факти ќе ги анализира настаните во минатото и еднаш годишно ќе реферира пред владите на двете земји. Овој договор, за разлика од претходниот, кој беше само декларација, има меѓународен карактер и мора да биде ратификуван во Собранието на Македонија. И што е најважно, за оние што му се спротивставуваат, тој може да биде одново преиспитан и повлечен во секое време.