Бошњаковски: Владата не може да се меша во парите на ДИК

Бошњаковски: Владата не може да се меша во парите на ДИК

Владата, вклучително и Министерството за финансии, немала информација во врска со бонусите исплатени во Државната изборна комисија, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Според него, ДИК е независна институција и Владата не може да се меша во тоа како Комисијата си го распределува буџетот.

– Свесни сме дека и медиумите и јавноста бурно реагираа на одлуките на членовите на ДИК да си доделат бонуси, но што се однесува до Владата, таа нема ингеренции да интервенира. ДИК е независно тело, а секој буџетски корисник сам ги распределува парите во рамките на нивниот буџет. Но, потенцирам, ниту Министерството за финансии ниту Владата на РМ нема информација во однос на бонусите што се исплатени – рече Бошњаковски.

Тој посочи дека проблемот е ист како проблемот со патните трошоци на пратениците во Собранието на Република Македонија.

– Таму е слична ситуацијата и јавноста со право реагира, но Владата не може да наложи да се измени Деловникот на Собранието. Тоа е нешто што самите пратеници треба да го направат и да отстранат нешто што ја разлутува јавноста – додаде Бошњаковски на брифинг со новинарите.