(Видео) Бошњаковски: Советот за реформи заврши со работа, со новото тело ќе претседава Заев

(Видео) Бошњаковски: Советот за реформи заврши со работа, со новото тело ќе претседава Заев

Советот за реформи во правосудството ја заврши својата работа и Владата му благодари за досегашната соработка, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски образложувајќи пред новинарите зошто премиерот Зоран Заев ќе застане на чело на новото работно тело, кое ќе се формира за следење на имплементацијата на стратегијата за правосудството.

– Сега следува имплементација и се посветуваме на делот 9 од планот за реформи 3-6-9. Нема недоверба во работата на Советот за реформи, Владата се заблагодари на сработеното досега, тие беа консултирани за 3 и 6, ги лоцираа проблемите, се направи стратегија и сега следува имплементацијата. Ова беше работно тело и следното ќе биде, но го издигаме на повисоко ниво – вели Бошњаковски.

Бошњаковски не открива дали новото тело ќе биде составено од експерти и кој сè ќе членува, единствено повтори дека ќе се формира до крајот на месецот.

Претходно, некои од членовите на Советот за реформи јавно ја критикуваа работата на телото, а оставки си поднесоа универзитетските професори Гордан Калајџиев и Мирјана Најчевска. Тие јавно проговорија дека биле изиграни од власта и дека нивниот ангажман бил само декор и параван наместо подготовка на суштински реформи во правосудството.