МАКФАКС

Бојан Вулетиќ, режисер на „Реквием за госпоѓа Ј.“: Не е сѐ така црно

Бојан Вулетиќ, режисер на „Реквием за госпоѓа Ј.“: Не е сѐ така црно
21.04.2017, 14:08

Иако горчливо чувство кое задолжително треба да се исплакне со солзи, зрелата естетика и јасната драматургија примарно оставаат впечаток по гледањето на филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“, што вчеравечер беше премиерно прикажан во скопското кино „Милениум“, во рамките на Скопскиот филмски фестивал. Потписот на режијата и на ова одлично сценарио се на младиот српски автор Бојан Вулетиќ, кому ова му е прв долгометражен игран филм.

И припаѓа на генерацијата (роден во Белград 1977) чии родители, неподготвени влегоа во торнадата на општествени промени, и од таму ,се разбира, излегоа опустошени и скршени. Токму таа транзиција и светскиот тренд на либералниот капитализам, што немилосрдно меле и гази човечки судбини, бил главниот мотив овој млад режисер да се фати за филмскиот ракопис, храбро и без никаква патетика да проговори на оваа тема. „Реквием за госпоѓа Ј.“ комуницира како документаристичка лента што не може никого да остави рамнодушен. Во насловот на филмот реквиемот навестува животно финале, но на Вулетиќ му обезбедува старт што ветува големи филмски остварувања.

Непосреден, бистар, емпатичен Вулетиќ ја носи онаа скромност на големите луѓе и затоа не бега од темите што го интигрираат човекот и социјалниот контекст.

Како ја добивте идејата за ова сценарио, дали е во прашање нечија автентична биографија?

 

– Идејата произлезе од приватно познанство со мајката на една моја пријателка, која беше многу депресивна жена и се обидуваше да го надмине тој свој проблем. Во тие контакти и дружење со неа, почнав да размислувам дека таа ситуација е слична и во моето семејство па и во сите семејства генерациски блиски до моето. Тоа е онаа генерација на родители родени од 1945-1950. Повеќето од нив ги дочекаа своите пензионерски денови со сознание дека ништо не направиле со својот живот и дека сѐ во што верувале е бесмислено. Тоа е поразително за нив бидејќи кога ќе стигнете во таа возраст е важно да знаете дека тоа што сте го правело имало смисла. Иако во разговор со многу од нив ќе им укажете дека тоа не е баш така, главното чувство на бесмисленост кај нив е примарно. Потоа ги истражував причините и, се разбира, тоа беа сите нијанси на транзицијата.

 

Евидентно се насетува, филмот сака да проговори дека овие луѓе како госпоѓата Ј. можеби се пресурови кон себе и кон најблиските?  

– Па да, тие не гледаат дека направиле здрави поколенија што успеваат да работат и да создаваат. Според нив, резултатите на нивниот животен сон не се такви какви што очекувале. Тие се збунети и фрустрирани. Не се снаоѓаат во новиот систем на вредности, но, секако, тоа не е нивна вина. Светот пребрзо оди напред и во технолошка и во секоја друга смисла. Па денешните пензионери во Србија ги поминаа сите облици на кризи, од воени до економски. Факт е дека во 80-тите се живеело добро, барем според оние општи стандарди, и токму за тоа сакав да прозборувам,дека мора да ги разбереме овие луѓе, особено дека оваа генерација мора да комуницира со нашата за да види дека не е сѐ така црно и бесмислено како што ним им изгледа.

 

Со оглед на тоа што оваа приказна има многу локални препознавања, филмот помина одлично и во Берлин?

 

– Ова е локална приказна, но функционира универзално. Насекаде во светот е зголемен бројот на луѓе што страдаат од депресија. Можеби причините се различни, ама оваа приказна може да се разбере насекаде. Секој може да препознае зошто госпоѓата Ј. (Мирјана Карановиќ) се чувствува така. И светот последнава деценија потона во голема економска криза, рецесијата и неолиберализмот си го направија своето. Тоа ги искрши луѓето. Милиони ги загубија работните места, се борат со гола егзистенција под нехумани услови, робуваат на банкарските камати и што уште не. Во либерал капитализмот таа социјална правда практично и не постои, така што сѐ е разбирливо иако е ова локална, регионална приказна. Мислам дека и оние елементи на црна комедија придонесуват пораката да се сфати правилно. Филмот е доволно духовит за луѓе што имаат сенс за бизарен хумор.

 

Дали по завршувањето на филмот се ослободивте од чувството што сте го акумулирале пред снимањето и дали и вашиот следен филм ќе се занимава со слична тема?

 

– Задоволен сум од тоа како изгледа филмот и во голем дел се ослободив од чувствата што сакав да ги визуелизирам. За следниот филм не сум сигурен со која тема ќе се занимавам, но имам некои идеи, и повторно тоа ќе биде некоја од темите од кои не може да се побегне и што нѐ провоцираат сите, сигурно некој социјален контекст, дури и ако одам во некоја поинаква стилизација.

 

Разговарала: Ана Василевска

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *