Бугарскиот купувач на „Фени“, за вработените е димна завеса за бегство на сегашните газди

Бугарскиот купувач на „Фени“, за вработените е димна завеса за бегство на сегашните газди

Бугарски „Енекод“ не може да го преземе „Фени“ иако договорот за купопродажба беше најавено дека ќе се потпише во петокот. За финализирање на договорот останува банките со кои соработува „Фени“ да се согласат на продажба. Вработени од фабриката велат дека за да го стават потписот, банките побарале кеш отплата на дел од долгот и гаранции за отплата на останатиот дел, како доказ за сериозноста во намерите на инвеститорот, но не добиле никакви гаранции ниту пак отплата.

Во петокот, по состанок одржан со раководството на фабриката и претставници на бугарската „Енекод“, Пецо Ристовски, претседател на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството, потврди дека бугарска фирма ја купува „Фени“ и објасни дека инвеститорот најавил дека ќе го преземе вкупниот долг, кој надминува 70 милиони евра.

Вработените се сомневаат дека се работи за уште една измама, која на краток рок треба да му обезбеди бегство на сегашното раководство кое според нив е највиновно и директно одговорно за прекинот на производството и огромните долгови на фабриката.

„Продажбата е премногу добра за да биде вистинита. Новиот инвеститор премногу лесно ветува се што ќе се побара од него. Се појави преку ноќ и прифати да го преземе целиот долг, за кој дознавме дека е над 70 милиони евра. Интересно е тоа што долгот на ’Фени’ изнесува речиси исто колку сумата од 66,5 милиони долари што се уште актуелните сопственици со судска одлука требаше да ги вложат во фабриката до 2016. Наместо тоа тие ги префрлиле сите долгови во 2017 година па сега вака обезвреднетата фабрика, која вредеше милиони ја продаваат за еден долар, како банкротирана фабрика и ни нудат ветување дека новиот инвеститор ќе ги покрие огромните долгови. Ненадејното појавување на купувач, кој воопшто не е од металуршкиот па ниту од производниот сектор, го отвора прашањето дали се работи за параван фирма, која само ќе му обезбеди елегантен излез на сегашниот сопственик кој во изминатите недели постојано беше предмет на финансиски и УЈП контроли. Се сомневаме дека ветувањата за исплата на платите, и тоа а во целосен износ и отплатата на долговите се само димна завеса за бегство на раководството. Сегашните ќе си заминат, а новите за месец- два ќе кажат дека не успеале да ја  оживеат фабриката и одговорност за нелегалните дејствија и одлив на пари што актуелното раководство ги реализираше преку Нова Логистик – фирмата која од ќерка на ’Фени’ стана приватна сопственост на менаџерката и блиска пријателка на Миракхмедов, никој нема да преземе“, се сомневаат вработените.

„Макфакс“ ги истражуваше финансиските извештаи  за работењето на бугарски „Енекод“. Тие се јавни документи, достапни онлјан. Од извештајот за работењето на компанијата во првите шест месеци од годинава се гледа дека основачкиот капитал на купувачот на „Фени“ е 100.000 лева или 50.000 евра. Вкупниот капитал и профит на компанијата на 31.06.2017 година изнесувал 278.000 лева или околу 140.000 евра,  обртот на средства за периодот јануари- јуни 2017 година изнесува 4,6 милиони лева, а компанијата пријавила загуба од 640.000 лева во првите шест месеци од годинава.

Сегашното раководство на фабриката е недостапно да одговори дали сомневањата на вработените се основани, а недостапен за медиумите е и претставникот на бугарски „Енекод“ кој во петокот се појавил на состанокот во фабриката.

Неофицијално, банките со кои соработува „Фени“ велат дека го истражувале бугарскиот купувач и се сомневаат дека компанијата има капацитет да ги исплати долговите. Токму затоа бараат „Енекод“ да докаже дека е компанија која може да преземе таква обврска. Официјално, пак, секоја од банките вели дека банкарска тајна се договорите што ги имаат со „Фени“.

Фабриката престана со производство минатиот месец поради огромни долгови. Остана да работи на минимум само една од производните линии, зошто ако се изгаси и таа, вработените велат дека фабриката ќе биде само старо железо. Во меѓувреме имотот на фабриката беше попишан од извршители на доверителите кон кои „Фени“ има долгови и се преземаа чекори кои фабриката ја водеа во стечај.

М.И.П.