Вангеловски го праша Поцевски дали се најавува кога се среќава со Рашковски – Поцевски вели: Се сретнавме само еднаш

Вангеловски го праша Поцевски дали се најавува кога се среќава со Рашковски – Поцевски вели: Се сретнавме само еднаш

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за „Макфакс“ ги отфрли обвинувањата од Советот за утврдување факти изнесени во медиумите дека иако Судот бил известен, не им дозволил влез. Во телефонски разговор првиот човек на Врховниот суд посочи дека Советот бил писмено известен дека додека членовите на ова тело биле на влезот, во судот се одржувала седница против одлука за доживотен затвор и дека тоа било причината поради која не им дозволил влез на членовите на ова тело.

„Откако писмено ќе го образложи барањето за пристап, судот ќе определи време и простор. Во време на одржување јавна седница, по повод жалба за пресуда против доживотен затвор, ниту безбедносно, ниту технички е можно извршување на активности на советот. Советот навремено писмно беше известен. На претставниците на Советот ќе им биде определен термин за прием во судот во согласност со прописите“, вели Вангеловски за „Макфакс“. Тој дополнително изјави дека ќе им поднесе кривични пријави на членовите на Советот за изнесување доверливи информации во јавноста. Вангеловски го праша првиот човек на Советот за факти, Сашо Поцевски, дали на ист начин го почитува времето кога оди на средби кај генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Поцевски во одговор за „Макфакс“ вели дека имале само еден обид за средба со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во Министерството за правда, на негово барање.

Првиот човек на Советот вели дека нивното влегување во Врховниот суд не зависи од волјата на Јово Вангеловски, туку од Законот, кој, како што вели, е на нивна страна. Поцевски најави и дека ќе ги повикаат судиите кои го суделе предметот „Таргет – Тврдина“ бидејќи предметот е многу важен за јавноста. „Ние не бараме средба со Јово Ванегловски туку само предметите и една просторија“, рече Поцевски за „Макфакс“. Тој додаде дека за денешниот прием добиле допис само два часа пред да влезат во Врховниот суд. „Советот од 8 луѓе тежи 530 години“, изјави Поцевски додавајќи дека формирал и комисија која треба да ги испита попречувањата од различни страни за нивната работа.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за „Макфакс“ изјави дека прашањето на Вангеловски е несериозно за врховен судија.

В. Маглешов