„Вајлд карта“ навреда и за турнирот и за Шарапова

„Вајлд карта“ навреда и за турнирот и за Шарапова

Француската тениска федерација (ФФТ) неколку недели размислуваше и на крајот реши да не и  додели специјална покана на Марија Шарапова за настап на овогодишното издание на Ролан Гарос.

Шарапова неодамна се врати на тениската сцена, по 15-месечната суспензија поради допинг. Таа очекуваше да добие „вајлд карта“ за настап на Ролан Гарос, Гренд слем на кој го има освоено во 2012 и 2014, а откако не ја доби стана јасно дека годинава нема да учествува на Отвореното првенство на Франција бидејќи е 211. на ВТА листата и нема право да настапи ниту во квалификациите.

„Специјални покани се даваат на натпреварувачи кои се враќаат по пауза поради повреда, но не и на оние кои  отсуствувале поради суспензија. Можеби во моментов е разочарана, но мојата одговорност е да го штитам тенисот и играта“, рекол претседателот на ФФТ, Бернард Зудичели.

На новинарско прашање зошто не добила специјална покана за настап во квалификациите, првиот човек на ФФТ рекол: „Добивање вајлд карт“ за настап во квалификациите би била навреда и за неа и за турнирот“.

Тој дополнил дека сакал лично да и ја соопшти одлуката, а не истата да биде објавена во живо на неговиот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.

„Ја барав Шарапова трипати, но не можев да ја добијам. Не се јавуваше на телефон“, заклучил Зудичели. крај/мф/нц