(Видеоинтервју) Рамбо Амадеус: Ако ги тргнете околните згради, можеби спомениците ќе изгледаат поубаво

(Видеоинтервју) Рамбо Амадеус: Ако ги тргнете околните згради, можеби спомениците ќе изгледаат поубаво

Во организација на концертната агенција и продукција „3 гонга“, вечерва со почеток во 22 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе настапи Рамбо Амадеус со својот секстет – Саша Ранковиќ на тапани, Мирослав Товирац на бас, Војно Диздар на клавијатури, Александар Петковиќ на саксофон и Милош Николиќ на труба, обединети под името Rambo Amadeus & Five Winnetous.

Пушиќ, алијас Рамбо Амадеус, вели дека во Скопје се чувствува како дома и секогаш доаѓа со големо задоволство или во негов стил: „Се чувствувам како дома, но повеќе би сакал да бидам гостин за да не морам да мијам садови“. На прес-коференцијата најави одлична свирка со својот секстет, музичари со кои многу се препознава и може да ја креира својата специфична музичка импровизација.

Во интервјуто за „Макфакс“ со човекот што сака да го читаат меѓу редови, а правилно ќе го разберат, како што ги нарекува, чесните интелектуалци, го откривме неговото мислење за проектот „Скопје 2014“, за глобализацијата, капитализмот, продажбата на уметниците.

(По барање на соговорникот ова видео не смее да се презема)

За неговата музика Пушиќ вели дека пишува за она што сака да го каже во даден момент.

„Пишувам песни за теми што тешко може да се преведат во стихови. Музиката е последица на состојбите и развојот на еден општествен систем или дијагноза на сликата на еден систем. Во капитализмот профитот е причина за сè, па и за музика. Затоа моите настапи, како и овој во Скопје, се концерт за работниот народ, напредната младина и чесната интелигенција“.

Во овој состав од музичари, Рамбо, покрај тоа што ги изведува своите најголеми хитови, обоени со интелектуална иронија и критика, има можност да ги покаже и изрази сите музички стилови со кои вешто манипулира – од џез, преку хип-хоп до драм енд бејс. Неговите изведби во живо никогаш не се анемична репетиција на снимените песни од неговите албуми, туку виртуозен микс од музички импровизации, дополнети со спонтани хумористични елементи. Па, затоа неговиот музички израз критиката и фановите го споредуваат со оној на Френк Запа. Неговата досегашна дискографија е исклучително колоритна и богата. Неговиот музички багаж брои над 11 студиски албуми, четири албуми снимени во живо, неколку компилации и еден EP.