(ВИДЕО) Според бугарски оценки, и Груевски да се врати на власт, договорот ќе остане

(ВИДЕО) Според бугарски оценки, и Груевски да се врати на власт, договорот ќе остане

Бугарските новинари, за разлика од македонските, за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан денес имаа само позитивни гледања.

Според Виктор Иванов  од  „24 Часа“, крајно време беше да се стави потпис на овој документ.

„Има некои, како да кажам, глупави луѓе кои се противат зошто во договорот  пишува дека се потпишува на македонски јазик. Но, тоа е во смисла дека и во Бугарија има Миленковци“, вели Иванов.

Според него, негативните реакции нема да сменат ништо, бидејќи и  Груевски да се врати на власта, нема да го отфрли.

„Сум бил на преговори кога тој бил преговарач околу договорот. Ја следев и посетата на вашиот претседател на Софија кога договорот беше тема.Според мене, внатре во него реално не пишува ништо. Тој е само добра основа двете земји да продолжат по патот. Крајно време е да живееме мирно“, оценува Иванов, додавајќи дека двете страни никогаш немале непријателски став кон спријателувањето.

„Имам многу пријатели Македонци со кои немавме проблем околу тоа ќе има ли или не договор. Да си живееме тивко и мирно. Најголема полза за двете држави е Македонија да влезе во ЕУ“, рече тој.

Тонја Димитрова од Бугарска национална телевизија смета дека потпиушаниот договор за пријателство и соработка е  еден од најголемите успеси на бугарската надворешна политика. Таа нагласи дека 18 години траеја преговорите за склучување на договорот, а за  Балканот е многу важно сите земји да бидат дел од евроатлантското семејство, членки на НАТО и на ЕУ, да не заглават во спиралата на политички кризи, да бидат стабилни и да ги споделуваат  заедничките демократски и европски вредности.

Според неа, во Бугарија има едногласност околу договорот.

„Не постои политичка партија или политичка сила која не го поддржува потпишувањето на овој договор. Расположенијата во Македонија се следат многу од блиску. Ние новинарите ги следиме многу од блиску. Клучен момент е кога договорот ќе биде ратификуван во Парламентот. Се надеваме Македонија вистински да тргне на евроатлантскиот пат, да се зближи со соседите, да гради со нив добрососедски односи. Ова е многу добар почеток на градење на навистина блиски односи меѓу двете држави.

Ја следиме ситуацијата и се надеваме  дека разумот ќе проработи кога  договорот ќе влезе во Парламентот на Македонија“, изјави Димитрова за „Макфакс“.