(Видео) Влада: Загревањето на домовите е најголем загадувач на воздухот

(Видео) Влада: Загревањето на домовите е најголем загадувач на воздухот

На денешната прес-конференција на портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, за вчерашната владина седница тој информира дека Владата го усвоила извештајот на работата на интерресорската група составена од 17 државни институции и граѓански и еколошки организации, а кој се однесува на загадувањето на воздухот во цела Македонија.

За сите детали од извештајот задолжено е Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство, кои треба да ѝ ги соопштат на јавноста препораките и мерките што ќе се применуваат при преминување на прагот на алармирање за одредена загадувачка супстанција.

„Наредниов период Министерството за животна средина и оваа група од 17 институции и од граѓански организации ќе ѝ го презентираат на јавноста целокупниот извештај. Денеска сосема кусо ќе ви презентирам само одредени мерки од него.

Лоцирани се изворите на загадување. Според овој извештај, загревањето на домовите, односно греењето, е најголем загадувач на воздухот. Некои од мерките што ќе бидат предвидени за кои се дискутира и ќе бидат задолжени одредени институции се: ќе треба да се оформи процес на евентуално враќање на исклучените граѓани од системот на централно греење на град Скопје.

Ќе треба да се направат законски измени за обврска на секој инвеститор при добивање градежна дозвола да приложи проект за начинот на затоплување на објектот. Ќе се предвидуваат субвенции и стимулации за нови водови загревање. На долг рок една од мерките предвидува и забрана за користење јаглен за загревање на домовите, мерка што треба да се имплементира до 2021 година. Гасификацијата исто така е мерка на долг рок“, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Тој информира дека Владата ја разгледала и ја усвоила и стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017- 2022 година со акциски план. Со оваа предлог-стратегија се даваат насоки и правци за подобрување на целокупниот правосуден сектор преку надминување на постојните недостатоци.

Тие уште еднаш информираа дека Владата на вчерашната седница го разгледала и го усвоила и предлог-законот за амнестија по јавната расправа за овој закон. Двете измени што се носат се дека законот ќе се носи по редовна постапка и дека одредбите предвидени во овој закон важат за кривични дела до 20.9. 2017 година. Датумот, според Владата, е произлезен по јавната расправа и по укажувањето на експертите и нивните коментари откако е објавен предлог-законот. Ќе бидат опфатени 670 правосилно осудени лица на казна затвор до 6 месеци, на 3.097 лица ќе им биде намалена казната 30 отсто.