(Видео) Воздушни напади врз Јемен, уништен главниот град Сана

(Видео) Воздушни напади врз Јемен, уништен главниот град Сана

Арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија ги засили воздушните напади врз Јемен и го уништи главниот град Сана. Засилените напади се одговор на јакнењето на власта на бунтовничкото движење Хути во главниот град кога го убија поранешниот јеменски претседател Aли Абдула Салех во понеделникот. Според агенциите, извршени се десетици воздушни напади врз клучни позиции на хутите, при што Сана е уништена.

Саудиска Арабија и нејзините сојузници го бомбардираа Јемен еден ден откако синот на Салех вети дека ќе ја предводи кампањата против проиранските бунтовници хути. Според агенциите, Ахмед Али, веројатниот наследник на Салех и поранешен лидер на елитната Републиканска гарда, ѝ дава на страната спротивставена на хутите потенцијална лидерска фигура.

Салех на движењето Хути му помогна да го освои поголемиот дел од северот на земјата вклучувајќи го и главниот град Сана, а неговата одлука да ја смени страната претставува најдраматична промена во неколкугодишната граѓанска војна. Во борбите во Јемен досега се убиени над 10.000 луѓе, а повеќе од два милиона се раселени. Речиси милион луѓе се погодени од епидемијата на колера и гладот што се заканува на поголемиот дел од земјата.