(ВИДЕО) Дачиќ: Странските амбасадори да не се мешаат во внатрешните работи на Србија

(ВИДЕО) Дачиќ: Странските амбасадори да не се мешаат во внатрешните работи на Србија

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, порача дека амбасадорот на САД во Белград и сите други амбасадори не би требало да се мешаат во внатрешните работи на Србија, пренесе РТС. Дачиќ нагласи дека изјавите што се појавиле во медиумите во врска со хашкиот осуденик Владимир Лазаревиќ, инаку поранешен генерал на војската на Југославија, не можат да ги загрозат односите меѓу двете земји.

Тој нагласи дека Лазаревиќ, како и сите што си ги издржале казните, се граѓани како и сите други, како и дека никаде не е забрането да се вклучуваат во политички процеси и да даваат изјави.

„Тука се зборува дека тоа ќе ги загрози нашите билатерални односи. Но, знаете што, Лазаревиќ си ја издржа казната, Харадинај е претседател на владата, кој допрва треба да издржи казна, а да не зборувам за тоа дека Готовина се подготвува да биде претседател на Хрватска, а го видовте и Насер Ориќ, кој сега е ослободен од обвинувањата“, изјави Дачиќ во разговор со новинарите за време на паузата на Белградскиот безбедносен форум.

Тој им порача на амбасадорите да не се мешаат во внатрешните работи на Србија забележувајќи дека српските амбасадори во странство не ги коментираат внатрешните работи на тие земји.

Американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот, вчера го критикувал српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, и споделил на својот Твитер-профил текст од „Вашингтон пост“ со наслов „Српски министер за одбрана фали осуденик за воени злосторства“. Скот додал дека неколкумесечниот труд за подобрување на имиџот на Србија во САД би можел да пропадне со една изјава. Вулин, пак, му одговорил на Скот нагласувајќи дека Лазаревиќ е слободен човек, а дека негово право е да ги почитува борбата на Лазаревиќ и борбата на српскиот народ.