(Видео) Демонстрантите пред Собранието извикуваа погрдни зборови кон министрите

(Видео) Демонстрантите пред Собранието извикуваа погрдни зборови кон министрите

Зголемено полициско присуство и помала група луѓе се забележува пред Собранието, каде што денеска беше изгласан Законот за употреба на јазиците.

Насобраните извикуваа погрдни зборови кога го забележаа министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Тие му рекоа дека ја распродал државата и извикуваа: „Предавници“, „Предавници“.

Страшко Олумчев, претседателот на Семакедонскиот национален совет, рече дека уште кога бил предложен овој закон, тие поднеле претставка до Уставниот суд.

„Одговорот беше дека Уставниот суд не е надлежен да стопира постапки во процедура. Ова што се направи сега во Собранието е спротивно на член 7 од Уставот. Во случај кога законодавниот дом носи законски акти контра Уставот имаме проблем во самата држава“, рече Олумчев.

Тој прашува: „Кој кажа за одредена општина или за цела држава дека Албанците се 20 отсто, каде е запишано, со кој попис?“

„Повеќепати кажав дека претседателот Иванов е кукавица и тоа и ќе му го кажам в лице“, рече Олумчев и додаде дека побарал средба со него за да му каже зошто не треба да го потпише овој закон.

Со мнозинство гласови Собранието го изгласа Законот за употреба на јазиците. 69 пратеници гласаа „за“, без ниту еден против или воздржан. Во второто гласање, пак, на другите етнички заедници, освен македонската, 27 од 28 пратеници гласаа „за“, а еден беше воздржан. Како што појасни претседателот на парламентот, Талат Џафери, овој закон се носи со мнозинство пратеници од помалите етнички заедници.

Предлог-законот за употреба на јазиците содржи 25 члена. Тој предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања во согласност со законот и други институции, службен јазик, покрај македонскиот и неговото писмо, да е и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо на начин определен со овој закон.

К. Ландов