(ВИДЕО) Затуроска: Владата на СДС ги запира сите проекти за гасификација

(ВИДЕО) Затуроска: Владата на СДС ги запира сите проекти за гасификација

Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека предлог-буџетот на СДС во делот за енергетиката покажува оти власта нема никаков план за развој на овој сектор. Како што вели таа, кога СДС е на власт енергетиката и енергетските капацитети се оставаат на забот на времето.

„СДС за 2018 година не предвидува средства за изградба на нови термо блокови, ниту, пак, инвестиции во нови јагленокопи со што би се продолжил животниот век на постоечките капацитети. Додека ВМРО-ДПМНЕ управуваше со државата беше предвидено изградба на термоелектрана во Делчевско и нов јагленокоп во Битолско за потребите на РЕК Битола. СДС покажува дека нема долгорочен план за енергетиката. СДС со своето кратење во сектор енергетика прави од Македонија енергетски зависна држава во делот на производството на струја, енергенс кој ако Владата продолжи вака ќе мораме да го увезуваме во сè поголем процент.

Јавноста и медиумите прашуваат дали неинвестирањето во енергетиката всушност е тенденциозно и е предизвикано од други причини? Дали владата одработува за компаниите на Анѓушев кои се увозници на струја и кои би имале и книжеле милионски профити од зголемениот увоз?“ вели Затуроска

Затуроска исто така обвинува дека новата Влада ги запрела сите проекти за гасификација.

„До сега поголем дел од нив требаше да бидат во финална фаза. Новата влада го стопираше и проектот за гасоводно поврзување со терминалите со нашиот јужен сосед. Прашањето е од каде ќе донесат гас и по која цена, а најважно кога тоа ќе го направат. Со новиот предлог-буџет СДС ја запира и гасификацијата на Република Македонија, во новиот буџет да се предвидува само довршување на кракот Тетово-Гостивар почнат од ВМРО-ДПМНЕ и Неготино-Битола“, истакна Затуроска.

Владата, нагласи Затуроска, не предвидела ни средства за изградба на мали хидроцентрали, кои се основен модел на искористување на хидропотенцијалот на помалите водотеци, а не се предвидени ни средства за производство на енергија на други алтернативни начини.

СДС нема стратегија и концепт за развој на енергетиката. Политиките на СДС со новиот предлог-буџет не се насочени кон граѓаните туку кон фирмите увозници на струја, граѓаните од политиките на СДС за 2018 година ќе имаат само поголеми сметки за струја, порача Затуроска.