(ВИДЕОИНТЕРВЈУ) Кристина Арнаудова: Бев дел од шарените за да не бидам безгласна буква во сопствената земја

(ВИДЕОИНТЕРВЈУ) Кристина Арнаудова: Бев дел од шарените за да не бидам безгласна буква во сопствената земја

Поп-пејачката Кристина Арнаудова го промовира видеото за песната „Љубена“, кое се снимаше во Охрид. Ова е прва песна и спот со кои се врати на сцената по паузата што ја направи поради раѓањето на својот втор син Матео. Во еден од кадрите на спотот се гледа слоганот на шарената револуција „Нема правда нема мир“, од која и Кристина беше дел, па гласно говореше дека сака да биде слободна. Освен музиката, таа постојано е ангажирана во хуманитарни цели преку нејзиниот проект „Среќа“. Таа им помага на децата од социјалните семејства и ранливите групи. Следната недела во Маврово на еднонеделен летен одмор ќе однесе 40 деца од ранливи групи.

„’Шарено лето’ е мојот нов проект. Ги носиме децата на летен одмор во хотелот ‘Лоч’ во Маврово. Таму тие ќе може да уживаат зашто подготвуваме за нив многу забава и изненадувања. Во целиот тим се  вклучени доктор, воспитувач, јас ќе одам со нив и навистина сум среќна поради сето ова. Веднаш потоа, на почетокот на школската година, преку истиот проект ќе обезбедиме за учениците школски прибори и сè друго што им е потребно за училиште“, ни открива Кристина.

Таа уште пред две години ја започна кампањата „Среќно, матуранти“, со која успеа лани да облече 96, а годинава 120 матуранти. „Многу волонтери, најобични граѓани, а и популарни личности, се вклучија и навистина успеваме во намерата да им помогнеме на оние што не можат да си го дозволат тоа“, открива Арнаудова.

На прашањето за шарената револуција, од која таа беше дел и јавно говореше за тоа што ѝ пречи во државата, Кристина вели: „Да, бев дел од шарените и гласно говорев за тоа што ми пречеше зашто во мојата земја до неодамна не се чувствував комотно. Имав чувство дека таа некому му е мајка, некому маќеа. Мора гласно да го говориме тоа што го мислиме. Најлошото што можеше да се случи и до пред два месеца ни се случуваше е што бевме безгласни букви во сопствената земја. Сега првпат по толку време чувствувам дека дишам слободно, без страв од последици ако кажам нешто гласно. Извини, ама ако си крадел, ќе си одговараш за тоа. И јас ако сум крадела, секако ќе сум одговарала за тоа“, искрена е Кристина.

Таа се пофали дека станала тетка.Ссестра ѝ Барита неодамна се породи со ќеркичката Каја, па Кристина вели дека едвај чека да замине за Охрид за да се види со сестра си со која има прекрасен однос.

А.Георгиев