(Видео) Културна политика: Нова стратегија, музичарите со реакции

(Видео) Културна политика: Нова стратегија, музичарите со реакции

Координаторот на работната група за изготвување на националната стратегија за културен развој, Златко Теодосиевски, внимателно ги сослуша забелешките на сите, а за „Макфакс“ се обиде да ги објасни приоритетите на програмата и дел од анализите што се однесуваат на детектираните штети во културата. Тој се согласува дека тешко ќе биде мотивиран бизнис-секторот за донации во културата, особено на локално ниво, каде што мотивите се секогаш насочени кон поддршка на естрадата.

За Мирко Попов, кој исто така за „Макфакс“ изјави дека музичката дејност е маргинализирана со години, потребна е отворена поддршка затоа што македонската музика е можеби најавтентичниот културен производ што го има земјава.

Нацрт-програмата, која ќе ја обезбеди националната стратегија за културен развој во државата во наредните четири години, е пред својата финална верзија. Во неа се имплементирани ставовите на професионалците во културната дејност и размислувањата на учесниците во јавните дебати што ги организира Министерството за култура во соработка со невладиниот сектор. Засега најмногу забелешки имаат музичарите, а според анализите на работната група, изминативе години најмногу се запоставени музејската и библиотечната дејност, како и заштитата на културното наследство.

Приоритетите се насочени кон децентрализација на културата, прочистување на институциите од несоодветен кадар, преименување на мултикултурна во интеркултурна соработка, која ќе вклучи повеќе социјални групи што биле сериозно запоставени.

На втората дебата што се одржа денеска во Националната галерија „Мала станица“ најмногу реакции стигнаа од музичарите, кои реагираат на укинувањето на квотите за емитување македонска музика, заштита на брендовите на домашното музичко творештво, како и потреба од поголема институционална поддршка на национален оркестар, каков што е „Биг бендот“.

Според Александар Ристовски – Принц, претседател на здружението на музичарите „Шпато“, Министерството за култура како воопшто да нема слух за заштита на македонската музика.

„Можеби не е целосно во ваша надлежност, но навистина мора да се реагира бргу во однос на укинувањето на квотата за емитување македонска музика. Ако не сме заштитени во својата земја, како да го штитиме нашето авторство надвор од границите. Ова е сериозен проблем и ние како здружение со години се боревме квотата да се зголеми, а сега веќе доаѓаме на нула“, рече Ристовски.

Музичарот Гоце Стевковски вели дека без поддршка на национален оркестар, каков што е „Биг бендот“, не може да се постават критериумите за квалитет во изведба на џез-музиката.

„Секоја држава има свој национален оркестар во кој членуваат врвни професионалци. Тие добиваат заштита од државата затоа што важноста да се наметне критериум за квалитет е голема. Ние не можеме да опстанеме само од нашиот ентузијазам“, смета Стевковски.

Според анализите што се правени пред изготвување на нацрт-програмата за националната стратегија, најмногу вработувања во културните институции во минативе години се направени во театарската дејност, каде што бројот на вработени се зголемил за 436 лица; во Македонската опера и балет за 230 лица, во НУ Филхармонија за 58 лица, во АНИП „Танец“ за 60 лица. Таков раст отсуствува во установите од областа на заштитата на културното наследство, каде што е констатирано континуирано опаѓање на бројот на професионалните кадри. На пример, бројот на вработени во Националниот конзерваторски центар е речиси преполовен, а евидентнти се проблемите со недоволната и несоодветна кадровска екипираност во целиот сектор на заштитата на културното наследство, долгогодишно непополнување на слободните работни места (на пример, НУБ „Св. Климент Охридски“ и др.), стои во нацрт-програмата.

Работната група констатирала дека отсуство на објективни критериуми и селективност е направено и во однос на растот на платите. Во периодот од 2006 до 2017 година 60 отсто се зголемени платите на уметниците и сценските техничари во професионалните театри и во театрите и центрите за култура, а во исто време во име на кризна состојба во светската и домашната економија на професионалните кадри во областа на заштитата на културното наследство (конзерваторска, музејска и библиотечна дејност) не само што не им се зголемуваат платите туку и не им се вреднува ни напредокот во кариерата со стекнување повисоки стручни звања.

Инаку, преку буџетот на Министерството за култура (заклучно со август 2017 година) се финансираат 112 институции со 3.287 вработени. Од нив 63 имаат статус на национални институции со 2.735 вработени, со ангажирани средства за плати во бруто-износ од 87.106.481 милиони денари, а 49 се локални установи со 552 вработени и ангажирани средства за плати во бруто-износ од 14.155.043 милиони денари. Овој факт говори за нерамномерната институционална и кадровска распределеност во културата.

„Општ впечаток е дека т.н. институционалната култура во Македонија е затворена, самодоволна, неконкурентна и некомпатибилна, често и нестручна, односно непрофесионална. Во Република Македонија доминира конзервативно-традиционалната култура како организациски модел, кој е хиерархиски структуиран и се заснова на строга поделба на работата. Моделот обезбедува донесени одлуки од врвот на организациската структура и неможност за брзи акции, одлуки и проток на информации“, пишува во програмата.

Дебатата продолжи во одделни работни групи за одделни дејности, а за денес беше предвидена и дебата за конкурсот за проекти од национален интерес. По дополнителните анализи се очекува идната недела да се добие конечната верзија на програмата според која ќе треба да се гради културната политика во следните четири години.

А. Василевска