(Видео) МИОА подготви листа на документи што министерствата имаат законска обврска јавно да ги објавуваат

(Видео) МИОА подготви листа на документи што министерствата имаат законска обврска јавно да ги објавуваат

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, информира дека Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација, што се однесува на листата на акти и материјали што министерствата во согласност со законот се обврзани да ги објават на своите веб-страници.

Станува збор за листа од 21 документ, кои во наредните 15 дена треба да бидат објавени на веб-страниците на министерствата и другите органи на државната управа.

„Анализите спроведени во 2016 година покажуваат дека во поглед на отвореностa на извршната власт Македонија е на последно место во регионот со исполнување само 36 отсто од индикаторите во истражувањата. Имајќи ја предвид целта на Владата за транспарентност и отчетност во своето работење, се наметна потребата да се преземат конкретни мерки и активности за подобрување на оваа затекната состојба“, истакна министерот Манчевски.

Обврската за објава на листата на документи на веб-страниците на министерствата подразбира и нејзино ажурирање. Дополнително, на овој начин ќе се обезбеди и полесен пристап до административните услуги.

„Отвореноста на институциите претставува клучен услов за демократијата. На овој начин на граѓаните им се овозможува да добиваат информации што се неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, учество при донесувањето одлуки и барање одговорност од институциите“, посочи министерот Дамјан Манчевски.

Во прилог-листата на документи:

1. Стратешки план;
2. Буџет;
3. Усвоени извештаи за реализација на буџетот;
4. Ревизорски извештаи;
5. План за јавни набавки;
6. Правилник за внатрешна организација;
7. Органограм за внатрешна организација;
8. Правилник за систематизација на работните места;
9. Список на лица вработени во институцијата со позиција, службен имејл и службен телефон;
10. Консолидирани текстови од закони и подзаконски акти во надлежност на секое министерство;
11. Обрасци што ги користат граѓаните при доставување поднесоци до министерствата за остварување на своите права, а особено обрасци на барања од граѓаните за издавање реални акти за оние министерства што ги издаваат;
12. Тарифници за надоместоци за издавање реални акти;
13. Листа на информации од јавен карактер;
14. Контакт од лице задолжено за информации од јавен карактер;
15. Правилник за заштитено внатрешно пријавување;
16. Контакт од лице овластено за заштитено внатрешно пријавување;
17. Име и презиме на офицерот за заштита на лични податоци, позиција во институцијата, службен имејл и службен телефон;
18. Контакт-телефон и имејл од министерството за генерални прашања;
19. Листа на активни регистри што ги водат министерствата, во зависност од надлежноста;
20. Биографии од министерот, заменик-министерот и од државниот секретар;
21. Најава на месечни настани или онлајн-календар.