(Видео) Нацев за Јанушев: Власта сака да го прикрие вистинскиот убиец

(Видео) Нацев за Јанушев: Власта сака да го прикрие вистинскиот убиец

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара оставка од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а воедно упати порака до јавноста во  која вели дека мафијата владее, а новата Влада сака да го сокрие убиецот на младиот Марин Јанушев.

„По 12 дена од свирепата ликвидација на Јанушев, власта го крие и штити убиецот. Тој е на слобода и не смее да се спомене неговото име. Граѓаните со право се плашат дека партиската полиција е целосно ставена во служба на мафијата и вооружените банди. Јавна тајна е дека пукачите се дел од партиското подземје поддржано и блиско до СДС“, вели Александар Нацев од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека МВР дозволило убиецот на Јанушев да избега, а со тоа да не може да се изведе пред лицето на правдата. Нацев го потсети министерството дека постои алатка наречена „фоторобот“, која служи за граѓаните да можат да го препознаат убиецот и да пријават, но, како што вели, истиот не е направен.

„Во јавноста сè повеќе се говори дека поради блискоста на убиецот со власта на терен се работи некој криминалец да ја преземе одговорноста за убиството со цел спас на вистинскиот убиец“, додава Нацев.

К. Л.