(ВИДЕО) Плаќаат за камп-приколки, одмораат во депонија

(ВИДЕО) Плаќаат за камп-приколки, одмораат во депонија

Санитарни јазли претворени во депонии. Искршена санитарија. Покрив кој пропушта по секој дожд. Искршени тушеви од кои извира вода во која пливаат жаби. Камп -приколки обраснати со трева. Питка вода што се излева насекаде.  За вакви услови, камперите на езерото Треска на ЈКП „Лиќени“ Треска од Сарај треба да му платат речиси двојно од она што го плаќале повеќе од две децении, или наместо досегашните 7.550 денари годишно, 12.300 денари.

Камперите ги добиле фактурите. Тврдат дека со сумата што ја уплаќаат се покриваат само струјата и пристапот до водоводната мрежа, и тоа за половина година. Не знаеја зошто добиле нови договори во кои Комуналното претпријатие бара повисок износ за исти услуги какви што имаат и досега.

Иако во договорите пишува дека ЈКП „Лиеќни“ се обрзува да испрати физичко обезбедување на камперите, тие не го добиваат тоа, исто како што не добиваат ниту пристапен пат до камповите бидејќи евидентно е дека патот е полн со дупки.

Првиот човек на Јавното комунално претпријатие „Лиќени“, Аки Саити, на камперите им рекол дека повисоката цена за продолжување на рокот за поставување на камп-приколките се должи на одлука што ја донел Управниот одбор на Комуналното претпријатие. Но, во Годишниот извештај на Агенцијата за администрација за 2016 година пишува дека ЈКП „Лиќени“ има само еден вработен, а тоа е директорот на Комуналното претпријатие. Кога го побаравме директорот Саити, за да го прашаме кој Управен одбор ја донел одлуката, рече да му се прејавиме подоцна, но веднаш потоа, не одговораше на телефонските повици. На Бирото за јавни набавки нема ниту еден склучен договор за каков било тип услуги. Ниту тековни, ниту во изминатата година. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека ова комунално претпријатие е основано во јуни 2014 година, а Аки Саити е впишан како в.д. директор на адреса село Глумово бр. 2. Од Град Скопје велат дека донеле одлука со која управувањето му го отстапуваат на општина Сарај и дека не знаат понатаму на каков начин стопанисува општината. Градоначалникот на општината, Беким Мурати, за Макфакс изјави дека фактурите не биле големи туку просечни.

„Си има одлука на Совет, ценовник, колку ќе биде тоа, така што тоа е некој просечен паушал, со кој може да се подмират неопходните трошоци. Ние како општина сме цело време во минус, и одвреме-навреме интервенираме од буџетот на општината, значи не станува збор за големи фактури затоа што тие средства се за цела година, за одржување, за водовод, за сè“.

На езерото Треска има околу 400 камп-приколки, во кои спас од жештините бараат голем број скопјани од градот и oд локалните места. Езерото и оваа година нема да ја дочека најавената ревитализација бидејќи надлежните повторно не ги обезбедија потребните пет милиони евра. Според ЈП „Паркови и зеленило“, главен проблем е немањето пречистителна станица, а самата инвестиција чини најмалку 1,5 милион евра. Доколку камперите не ги уплатат парите, за кои веќе имаат изготвени и добиено фактури, ќе мора да ги отстранат камп-приколките.

В. Маглешов