(Видео) „Реформаторите“ можно е да предложат кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ

(Видео) „Реформаторите“ можно е да предложат кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ размислуваат дали ќе предложат кандидат за претседател на партијата откако вчера Извршниот комитет донесе одлука да се свика вонреден конгрес на 23 декември. Драган Лазаров, еден од „реформаторите“, вели дека во следните денови ќе анализираат и на 17 декември ќе ја соопштат одлуката како ќе постапат во однос на најавениот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, како и тоа дали ќе предложат кандидат за местото на актуелниот лидер Никола Груевски.

– Нашата цел се реформите за кои се залагаме и ќе продолжиме што и да се случи. Дали ќе настапиме и како ќе настапиме, сите прашања околу оваа нова ситуација за конгресот ќе ги анализираме и презентираме на седница на Републичкиот штаб за реформи, која ќе се случи на 17 декември, кога ќе излеземе со официјални ставови. Кај нас има демократија, има различни мислења, ќе ги слушнеме сите и заеднички ќе ја донесеме најдобрата одлука зад која сите ќе застанеме, вели Лазаров.

Лазаров вели дека одамна се очекуваше оставката на Груевски, но не се сомнева дека тој ќе се обиде да постави свој човек на челната позиција на партијата.

-Не треба да има заблуди дека Груевски ќе се обиде да постави свој човек како негова продолжена рака или марионета. Нашето барање е да има континуитет на партијата, а дисконтинуитет на груевизмот. Тоа значи да се исправи правецот кој се загуби во последните години, а притоа да се задржи кохезијата и единството на членството, да се надогради и зацврсти. Тоа е тешка задача и веруваме дека тоа може да го направи само некој кој нема да биде марионета на досегашниот претседател, тоа би било поразително за партијата, спротивно на тоа да се промовираме во европска модерна демократска десна сила, додава Лазаров.