(ВИДЕО) Савески: Сите партии им слугуваат на бизнис-лобијата

(ВИДЕО) Савески: Сите партии им слугуваат на бизнис-лобијата

И двете најголеми партии се во спрега со локалната урбана мафија, затоа не сме оптимисти дека непланското градење во општините ќе престане, рече кандидатот за советник од партијата Левица во изборното претставување на „Макфакс“. Тој додаде дека доколку Левица влезе во локалната власт, ќе се спротивставува на лошите политики и нема да влегува во коалиција со ниту една партија.

„Праксата покажува дека партиите секогаш се на страната на урбаната мафија, која тие популарно ја нарекуваат бизнис-заедница. Се случувало во општините каде што едната од големите партии е на власт да поддржува лоши урбанистички планови, а другата која е во опозиција да гласа воздржано и обратно. Оваа е така затоа што тие што се во опозиција, се надеваат дека ќе ја преземат власта и ќе се здружат со градежните моќници. На пример, градоначалникот на Центар за реконструкција на само две улици, Боемска 1 и 2 потроши 1,2 милион евра. Се прашувам дали тие улици се направени од злато“, рече Савески.

Во однос на прашањето дали „Шарената револуција“ беше антирежимска или борба за функции, Савески рече дека актуелната власт ја исполитизирала револуцијата и ја искористила за свои цели. Но додаде дека голем дел од граѓаните кои се бореле за слободно општество се разочарани од ваквиот однос и затоа нема да ги поддржат на овие избори.

Заедно со Савески на изборното претставување беше и Драгана Велковска, носител на листата за град Скопје од Левица и ги повика сите слободоумни и обесправени граѓани да ја дадат поддршката на ова партија која, како што рече, ќе се залага за социјална сигурност, еднаквост и за враќање на достоинството на граѓаните.