(ВИДЕО) Тарчуловски: За Пржино и Црниче во програмата има десетици проекти

(ВИДЕО) Тарчуловски: За Пржино и Црниче во програмата има десетици проекти

Како иден градоначалник моја обврска е да се грижам за сите жители во општината, без разлика на верска и национална припадност. Конкретно за населените места Пржино и Црниче, во програмата се опфатени десетици проекти кои се од витално значење за населението, изјави кандидатот за градоначалник на Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски.

„Веднаш по изборите, ќе се почне со изведба на атмосферска канализација на 15 улици во населбата Пржино. За реализација на овие проекти веќе се обезбедни финансиски средства од Светска банка во висина од 110 милиони денари.  Исто така, планирана е и реконструкција на улици во населбата Црниче, меѓу кои и Банско, Рилски конгрес, Ениџевардарска, Серска, Чедомир Кантарџиев и Неврокопска. На дел од овие улици предвидена е и изградба и реконструкција на тротоарите, со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците, како и реконструкција на скалите на улицата Рилски конгрес“, рече Тарчуловски.

По пат на јавно-приватно партнерство, додаде тој, ќе го изградиме спортскиот комплекс „Славија“ во населбата Пржино, а комплексот ќе содржи фудбалски, кошаркарски, ракометни и тениски терени, како и патека за трчање.

Но, истакна Тарчуловски, тука не застануваат проектите за населбите Пржино и Црниче.

„Според програмата, предвидено е носење детаљни урбанистички планови за одредени делови од Црниче и Пржино, изградба на детски и пензионерски катчиња во парковите, продолжуваме со легализација на бесправно изградените објекти, партерно уредување на Гоцевата чешма во населбата Пржино и многу други проекти“, рече кандидатот за градоначалник.