Вицепремиерот Османи се дообјаснува на „Фејсбук“, референдум за името, сепак, ќе има

Вицепремиерот Османи се дообјаснува на „Фејсбук“, референдум за името, сепак, ќе има

Заедничко прифатливо решение за спорот со Грција не би било донесено без да бидат прашани граѓаните – вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, се дообјаснува преку „Фејсбук“ откако вчера во телевизиско интервју за ТВ Алсат изјави дека локалните избори биле референдум за граѓаните.

„Во жестината на дебата некои работи не ги објаснив доволно прецизно, па дозволете да бидам прецизен. Владата доби доволно политичка поддршка за да може храбро да влезе и во решавање на спорот за името. Но, тоа не значи дека евентуалното заемно прифатливо решение би било донесено без за тоа да бидат прашани граѓаните, т.е. без референдум“, напиша Османи на својот фејсбук-профил.

Претходно, Османи истакна дека разликите со Грција околу името ќе бидат решени многу скоро без да прецизира кога може да се очекува затворање на деценискиот проблем. Јас ви гарантирам дека доколку продолжиме да ги реализираме реформите со оваа динамика, да го затвориме прашањето на името ќе добиеме уште поголема поддршка од граѓаните бидејќи граѓаните бараат Македонија во НАТО и во ЕУ, изјави Османи. На прашањето дали ќе се спроведе референдум, Османи одговори дека овие локални избори практично биле референдум  затоа што ја добиле поддршката од граѓаните, изјава која наиде на остра реакција во јавноста.