Владата не ја менува одлуката за стоп на серијата и по трејлерот на „Јадран филм“

Владата не ја менува одлуката за стоп на серијата и по трејлерот на „Јадран филм“

По вчерашното објавување на трејлер, кој е наводно од првата снимена сезона од серијата „Македонија“, а се појави по серијата написи и конечно по изјавата на владиниот портпарол на 1 ноември, со која на владината седница претходниот ден била донесена одлука за стопирање на снимањето на оваа серија, „Макфакс“ дознава дека одлуката на владата останува непроменета.

„Владата на Република Макдонија ја донесе својата одлука и ќе постапи во согласност со истата“, ни изјави портпаролот на владата Миле Бошњаковски.

Како што дознавме, и финансиската полиција која констатираше финансиски нерегуларности и злоупотреба на службената должност од овластени лица во Агенцијата за филм, а за истото ја информираше неодамна јавноста, за овој предмет се консултирала и со Основното јавно обвинителство.

На 1 ноември Бошњаковски ја соопшти одлуката на Влада со која се прекинува снимањето на серијата вредна 4,6 милиони евра.

„ Според Агенцијата за филм на Република Македонија, извршената контрола во врска со доделувањето средства за овој проект и во врска со реализацијата на проектот, констатирала сериозни пропусти. Владата ја разгледа и ја усвои информацијата во врска со проект-играна серија ‘Македонија’ и ја задолжи Агенцијата за филм на Република Македонија во рок од 7 дена до Владата да достави информација во врска со преземените активности за проектот, согласно со Законот за филмска дејност. Според овој закон, доколку со извештајот од извршената контрола се утврди дека доделените средства на конкурсот се користат спротивно на договорот, односно дека корисникот на средствата не се придржува на роковите и обврските утврдени во договорот, или дека филмскиот продуцент ги пренел правата од филмот и средствата добиени од Агенцијата на трети лица, директорот на Агенцијата ќе ја активира банкарската гаранција, ќе го раскине договорот и ќе донесе решение со кое се прекинува натамошното финансирање на проектот и со кое бара враќање на доделените средства од Агенцијата со законска затезна камата“, стоеше во соопштението на Владата.

Седум дена подоцна продукцијата не го демантираше барањето, но се обрати со соопштение во кое го тврдеше спротивното, односно дека „македонската влада била погрешно информирана“.

 

Но, вчера продукцијата „Јадран филм“ до медиумите испрати соопштение и трејлер со бомбастична најава за успехот на серијата.

Според упатените, трејлерот е очигледно измонтиран наменски за да ги покрие сомнежите за злоупотреба.

Во договорот со  Агенцијата за филм, до 4 септември требало да биде доставен севкупниот материјал, поточно епизодите од првата сезона за кои македонската Агенција за филм дала 68 милиони денари, односно милион  и сто илјади евра, како прва рата од предвидените вкупно 283 милиони денари, поточно 4,6 милиони евра за 4 сезони.

По извршената вонредна контрола на регуларноста на проектот е утврдено дека нејзиното снимање треба да се стопира.

Еден од условите е во процесот на продукција да не се менуваат носителите на проектот, но од оној со кој се конкурирало во Агенцијата до тие денес единствено не е променето името на продуцентот Винко Грубишиќ.

Серијата „Македонија“ беше одобрена на конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2016, во мандатот на поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска. Според резултатите од конкурсот, објавен на сајтот на Агенцијата за филм, серијата треба да има 130 епизоди во 4 сезони и е одобрена за повеќегодишно финансирање. Како режисери се наведени Зоран Петровски, Стојан Вујичиќ, Кристијан Милиќ, сценаристи Бранко Шомен, Огнен Ѓеоргиевски и Никола Жежов. (А.В)