Влада: Лани 100 вработени за односи со јавност и придружни функции, годинава 116

Влада: Лани 100 вработени за односи со јавност и придружни функции, годинава 116

Во 2016 година во Владата и министерствата биле вработени 100 лица што работеле односи со јавност и придружни функции, информира денеска Владата на редовниот брифинг со новинарите.

Во 2017 година, пак, бројот на луѓе што се ангажирани во секторите за односи со јавност во Владата и министерствата со примарна дејност односи со јавност, според Владата, изнесува 46 лица, а дополнително во овие сектори 57 лица работат придружни функции.

„Овие функции се комплементарни, меѓутоа не се специфично односи со јавност, тука влегуваат и друг тип вештини, како што се координација, логистика, анализа, истражување, снимање итн.“, велат од Владата.

Тие информираа дека има и 13 вработени во овие сектори кои се според старата систематизација и сè уште се дел од тој систем, меѓутоа овие 13 лица не исполнуваат никакви работни обврски, ниту придружни ниту примарни од аспект на односи со јавност.

Според Владата, вкупната бројка на вработени во секторите за односи со јавност во Владата и министерствата годинава изнесува 116 лица.

„Бројката на ангажирани лица што работат исклучиво односи со јавност во моментот изнесува 46, и таа е за Владата, министрите без ресор и сите министерства. Во рамките на Владата примени се и 26 лица нововработени“, истакна портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Од Владата истакнаа дека за разлика од претходната влада, тие веќе не трошат пари на скапи пиар-кампањи за рекламирање ниту, пак, прават надворешни договори со компании или консултантски агенции за креирање позитивна реклама на нивната работа или за пропаганда.

Истакнаа дека постои драстична разлика во парите што се трошеле изминативе години. На трошоци за односи со јавност и рекламирање во 2014 година биле потрошени 7,5 милиони евра, во 2015 – 5,5 милиони евра, во 2016 – 1,1 милион евра, а во 2017 – 0,5 милиони евра. Во 2016 за бруто-плати во секторите за односи со јавност биле потрошени 55 милиони денари, а во 2017 – 32 милиона денари. Иако бројките годинава се помали, на брифингот беше истакнато дека прерано е да се процени дали во 2018 ќе се трошат помалку пари за плати за овие сектори од тоа што го трошела претходната власт бидејќи некои од вработените не се примени од почетокот на годината, туку подоцна.

Брифингот за темата дојде кога „Макфакс“ објави дека во Владата и министерствата во моментот најмалку 120 луѓе работат во секторите за односи со јавност (ПР) и комуникации. Бројките се слични со трендовите што ги објави „Макфакс“ за овие сектори. Според информациите што ги добивме од одговорите на барањата за слободен пристап до информации до институциите, бројот на лицата што работат односи со јавност и комуникации во министерствата и Владата е зголемен најмалку 18 лица од лани. Платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата за 2016 ги чинеле граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно. Според овие податоци, годинава за платите на овие вработени досега биле потрошени најмалку 562 илјади евра, но податоците за платите за 2017 не се целосни заради тоа што годината не е завршена, но и затоа што некои од институциите ни дадоа податоци само за шест, седум или осум месеци.

Кристина Озимец