Владини комбинаторики за нови министри кога ќе се изладат вжештените политички глави

Владини комбинаторики за нови министри кога ќе се изладат вжештените политички глави

Премиерот Зоран Заев очекува во наредните денови да почнат разговори во владината коалиција за пополнување на испразнетите министерски места. Во изјава за медиумите тој рече дека чекал да се изладат вжештените политички глави и да се смири политичката еуфорија по изборите.

– Очекувам овие денови правта да легне. Сега имаме малку подзапалени политички глави во нашата држава. Се надевам во мирна атмосфера викендов да ги отвориме процесите како понатаму поради тоа што имаме неколку испразнети места во Владата – министер, заменик-министер, неколку директори – изјави Заев.

Заев додаде и дека не разговарал со Мендух Тачи за влез на ДПА во Владата, а за евентуално излегување на „Алијансата за Албанците3 од владината коалиција, според премиерот, не е прашање што зависи само од него, туку од сите коалициски партнери. Во однос на евентуална поддршка од пратеникот Чедомир Саздовски, кој го напушти ГРОМ и одлучи да дејствува како независен пратеник, Заев очекува можност да разговора со повеќе пратеници.

– Ние со Саздовски немаме разговарано за мнозинство, но јас посакувам да разговарам со многу пратеници и верувам дека ќе имам таква можност. Не би сакал да ги форсирам процесите неприродно, туку сакам тие да се случуваат по природен пат. Но, знам дека имаме мнозинство и без Села. Но, знаете дека секојпат сум поборник тоа мнозинство да биде колку што е можно посилно. Македонија е исправена пред сериозни одлуки, треба да ги завратиме ракавите и да работиме, а со поголемо и посилно мнозинство тоа е секако повозможно и би било поуспешно – рече Заев.

Во владата треба да се пополнат три министерски места, односно едно на заменик-министерот Висар Ганиу, избран за градоначалник на Чаир, на министерот за здравство, Арбен Таравари, кој ќе ја преземе градоначалничката функција во Гостивар, и на местото на министерот без ресор, Рамиз Мерко, сега избран за градоначалник на Струга. Превирањата во владината коалиција почнаа кога лидерот на „Алијансата“, Зијадин Села, му се налути на Заев за отворена поддршка на кандидатите на ДУИ на локалните избори. Села вчера за „Макфак“ изјави дека не би бил министер во Владата на Заев, но не одговори дали ќе ја напушти владината коалиција.