ВМРО-ДПМНЕ ветува бесплатен здрав оброк за сите деца од прво до петто одделение

ВМРО-ДПМНЕ ветува бесплатен здрав оброк за сите деца од прво до петто одделение

Во сите општини каде што довербата од граѓаните ќе ја добијат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, ќе го спроведеме проектот бесплатен здрав оброк за сите деца од прво до петто одделение во училиштата во државата, изјави Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа рече дека воведувањето бесплатен здрав оброк во училиштата значително ќе ги намали употребата и користењето на брзата храна од страна на учениците, што е еден од главните причинители за прекумерната тежина кај децата и појавата на сериозни болести.

„Мерката бесплатен здрав оброк за учениците ќе ги помогне и домашните буџети на многу млади семејства кои имаат дечиња што учат од прво до петто одделение. Заштедите на родителите со оваа мерка ќе бидат околу 600 денари месечно за едно дете, што е речиси 5.400 денари на годишно ниво. Ако семејството има две деца на таа возраст, заштедите во домашниот буџет на родителите би биле околу 1.200 денари месечно или 10.800 денари годишно. Во училиштата каде што децата се на целодневна настава, родителите исто така ќе имаат заштеда затоа што ќе доплаќаат само за вториот оброк во текот на денот, а првиот ќе им биде бесплатен во согласност со мерката што ја предлагаме“, рече Попова.

Дополнително, додаде таа, ќе ја разгледаме можноста и во текот на мандатот ќе работиме овој проект за бесплатен здрав оброк за учениците да го прошириме и воведеме и во повисоките одделенија.

„Нашата цел ќе биде до крајот на мандатот сите деца да бидат опфатени со оваа мерка заклучно со деветто одделение“, истакна Попова.