ВМРО-ДПМНЕ: Владата незаконски им ги крати парите на општините

ВМРО-ДПМНЕ: Владата незаконски им ги крати парите на општините

 Ане Лашкоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, ја обвини Владата дека без основа и надвор од законот им ги скратила парите на општините.

„Црната тројка – Заев, Тевдовски и Анѓушев, создаде црна дупка во македонската економија. Катаклизмата што ѝ се случува на македонската економија предизвика пад на индустриското производство, пад на просечната плата, раст на цените на производите и трошоците за живот на граѓаните, бркање инвеститори, енормно трошење над 350 милиони евра и други катастрофални резултати. Граѓаните веќе ја чувствуваат неспособноста на оваа црна тројка врз свој грб и својот џеб.

Сега и општините ги чувствуваат последиците од незнаењето и катастрофалните економски политики. Владата на СДС без основа и надвор од законот скрати речиси 8 отсто од парите, кои е должна да им ги трансферира на општините по основа на дотации на ДДВ.

СДС на овој начин ги доведува во прашање нормалното финансирање и работењето на општините, чиј главен прилив на финансии се токму овие средства. Со овие пари локалните самоуправи градат водоводи, канализации, патишта, даваат услуги на граѓаните и слично. Ништо од ова нема да може да се направи затоа што црната тројка на СДС поради својата неспособност не им ги исплаќа законски утврдените проценти од прибирањето на ДДВ.

Владата на СДС, кратејќи од парите наменети за општините, ја прикрива буџетската дупка што ја создава со сè поголемото задолжување на државата и со несовесното работење.

Општините не може и не смее да трпат и нивното работење и нормалното функционирање да се ставаат под прашање само затоа што СДС не знае да ја покрие својата погрешна политика од која сè поочигледни се и последиците.

СДС за само 100 дена власт ги покажа своето незнаење и негрижата кон државата и народот. Последиците од ова економско цунами, кое за само 100 дена ѝ се случува на Македонија, ќе бидат енормни, но најлошо од сè – ќе бидат далекосежни. Граѓаните може и мора да стават крај на ова пред да биде предоцна“, порача Лашкоска.