ВМРО-ДПМНЕ: Земјиштето кај „Скопски саем“ е во приватна сопственост

ВМРО-ДПМНЕ: Земјиштето кај „Скопски саем“ е во приватна сопственост

Локацијата за која говореше Борче Георгиевски е во приватна сопственост и сопственикот одлучува кога и што ќе гради во согласност со законот, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Борче Георгиевски од СДСМ, кој го нарече тотален дебакл најавуваниот проект на општинските власти на Гази Баба за изградба на град во град на едно од најатрактивните земјишта во Скопје, во рамките на „Скопски саем“.

„Сите обврски што општината ги имала кон овој случај ги има исполнето навреме и во согласност со законот. Општина Гази Баба за таа локација првин има донесено планска документација и со тоа беа создадени услови приватниот сопственик на предметната парцела да може да почне со постапка за одобрение за градење. По барање на приватниот инвеститор „Скопски саем“, Општината во 2008 година му има издадено правосилно одобрение за изградба на комерцијално-деловен објект. Во понатамошната фаза општината ниту може ниту има надлежност да учествува бидејќи станува збор за парцела која е во приватна сопственост на „Скопски саем’“, се вели во реакцијата.

Исто така, велат од ВМРО-ДПМНЕ, за локацијата кај „Скопски саем“ по негово барање неколкупати се има менувано планската документација сè со цел да излезе во пресрет за полесно реализирање на проектите што јавно беа промовирани од самиот приватен сопственик „Скопски саем“.

„Другпат кога Борче Георгиевски и СДС ќе излегуваат на прес-конференции, нека се информираат. Впрочем, ним инвестициите и привлекувањето инвеститори им се најслаба страна“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.